Во меѓувоениот период, официјална Атина систематsки го потиснувала ова прашање, водена од различни национални митологии, пропагандни цели и стратегиски замолчувања. Овој пристап бил поттикнат од етничката разновидност во Северна Грција, каде што значителната македонска популација станала предмет на преговори и договарања меѓу завојуваните национални и политичко-идеолошки фракции. Како последица на овие процеси, македонското национално движење во Северна Грција добило нова политичка тежина и факторизација.
За грчката држава „македонското прашање“ по Балканските војни и Првата светска војна се сметало за затворено на меѓународно ниво. Меѓутоа, на самата територија на Егејскиот дел на Македонија, грчките власти презеле низа мерки со цел да постигнат национална хомогенизација на државниот простор. Ова подразбирало политики за целосна асмилација на т.н. туѓојазично малцинство или негово делумно физичко остранување од територијата на Грција. Дополнително, високата мобилност на различните етнички, јазични и религиозни заедници во Северна Грција довело до масовно иселување на голем број Македонци и муслимани, кои биле заменети со голем број доселеници што грчката држава ги сметала за „грчко“ население. Оваа политика значително ја променила етничката слика во регионот, трансформирајќи ја македонската етничка заедница од мнозинска во малцинска. Според официјалниот грчки попис од 1928 година, по размената на населението, во Егејскиот дел на Македонија останале 80.668 лица со христијанска религија и мајчин „македонско-словенски“ јазик. Сепак, овие бројки значително ја потценуваат реалната големина на македонската популација. Независните проценки сугерираат дека по размената на населението, во Грција останале меѓу 200.000 и 250.000 етнички Македонци. Според грчкиот историчар Тасос Костопулос, интересен е и фактот што оваа веќе малцинска заедница, за разлика од другите „туѓојазични“ популациски групи во Грција, со децении ѝ се спротивставувала на централизираните одлуки на грчката држава и нејзините органи во Егејскиот дел на Македонија. Оттука, по 1913 година, според Костопулос, вреднувањето на нивната „национална свест“ станало лабараторија за неформална експериментална примена на грчкиот бирократски систем на категоризација и сертификација на „националните и социјалните чувства“. Како резултат на ова, тие биле првата група грчки граѓани за кои полициските, воените и судските служби воделе лични досиеја. Кулминацијата на репресивните мерки против т.н. „непосточеко малцинство“ во Северна Грција се случила за време на дикататурата на Метаксас (1936-1940), кога грчката држава започнала системска кампања за насилна асимилација на Македонците. Оваа кампања вклучувала целосна забрана на македонскиот јазик во јавниот и во приватниот живот, задолжителни ноќни часови за „учење“ на грчкиот јазик за целото возрасно население, масовни депортации на сомнителни, одземање на државјанство, ограничувања на движењето, како и забрана за купување недвижности за лицата што безбедностите служби ги сметале со „изразени словенски нагони“.
Сличен бил и третманот на мобилизираните војници од македонско потекло за време на грчко-италијанската војна во 1940 година. И покрај тоа што нивното однесување како дел од грчката армија генерално не се разликувало од она на останатите грчки војници во одбраната на територијалниот интегритет на државата, грчките безбедносни власти во позадината на фронтот започнале масовни депортации на нивни роднини по грчките острови. Овие репресивни мерки биле спроведени врз основа на претходно составени „сомнителни“ листи. Сепак, ваквиот однос на грчката држава кон своите граѓани од различна етничка и јазична припадност имал спротивен ефект од посакуваната асимилација. Омаловажувањето, теророт и насилството врз етничките Македонци довеле до зголемен отпор, потреба за самозаштита и јакнење на чувството за различност. Овие процеси, на крајот, кулминирале со развојот на македонското национално движење за време на десетгодишните воени судири во рамките на грчката држава.
Воениот пораз на Грција во пролетта 1941 година довел до тројна окупација на Егејскиот дел на Македонија. Територијата источно од реката Струма била „привремено“ доделена на Царството Бугарија, која набрзо ја анектирала и започнала политика на колонизација, етничко чистење и насилна асимилација на македонското и грчкото население. Централниот дел на Егејска Македонија, вклучувајќи го и градот Солун, потпаднал под германска окупациска управа, додека западниот дел, вклучувајќи ја Костурската околија и најголемиот дел од округот Кожани, бил ставен под италијанска контрола. Првичната реакција на македонското население во Грција по распадот на режимот на „4-ти Август“, познат како Метаксасова диктатура, била ентузијазам и симболично отфрлање на грчката власт. Ова било резултат на наталоженото незадоволство на македонските граѓани, насочено не само против диктатурата на Метаксас, туку и против грчкиот национализам и институционалните механизми што ги потиснувале и репресирале. Во првите месеци од окупацијата биле ослободени голем број воени и политички затвореници од македонско потекло, меѓу кои и Андреј Чипов и Лазо Трповски, значајни водачи на македонското национално движење за време на Втората светска војна. Истовремено, во македонските етнички средини се одржувале масовни чествувања, како прослави во чест на Св. Кирил и Методиј или одбележување на годишнината од Илинденското востание.
Сепак, ваквата ситуација не потрајала долго. Набргу по воспоставувањето на окупацискиот режим, во населените места во Северна Грција повторно се вратила грчката административна власт, сега под контрола на колаборационистичката влада во Атина. Истовремено, важен фактор во развојот на настаните била и политичката мобилизација на бугарскиот паравоен и административен апарат. Најпрво, во овој дел на Македонија својата активност ја засилил Бугарскиот Aкционен Централен Комитет, кој делумно ги префрлил своите операции од Вардарска Македонија. Во мај 1941 година, со дозвола на германските окупациски власти, во Солун бил формиран Бугарскиот клуб. Овие пропагандни институции имале за цел да го застапуваат, според нив, „бугарското население“ на териториите под германска и италијанска окупација. Покрај репресијата од новите окупаторски сили, присуството на колаборационистички структури – без разлика дали биле од грчка или бугарска провениенција – дополнително го отежнувало секојдневниот живот на Македонците во Грција. Пропагандната војна што ја водеа овие структури најмногу им одговарала на германските и италијанските окупатори, кои ја применувале тактиката „раздели, па владеј“.
Ситуацијата за македонското население станала уште покомплицирана со почетокот на првите партизански акции на грчките сили на отпорот во втората половина на 1942 и почетокот на 1943 година, без разлика дали биле со лева или десна идеолошка ориентација. Италијанско-германските власти ги искористиле овие вооружени активности како изговор за мобилизација на локалните малцинства против движењето на отпорот. Во оваа насока, тие активно спроведувале политика на масовно вооружување милиции во македонските села, кои требало да послужат како противтежа на грчките партизани.
Така, во март 1943 година, во градот Костур бил формиран „Бугаро-македонскиот комитет при Оската“, кој веднаш започнал со регрутирање и вооружување на македонското население. Овие т.н. контрачетници претставувале истурена одбранбена позиција на италијанските власти во борбата против грчките сили на отпорот.
(Продолжува)
проф. д-р Димитар Љоровски