Нискобуџетната авиокомпанија Изиџет е втората по големина авиокомпанија за летови на кратки и средни релации во Франција и водечка во локалното поврзување.
На новите директни летови на релација Париз – Скопје – Париз Изиџет (easyJet) ќе оперира со два лета неделно, секоја среда и сабота, со што авиокомпанијата ја задоволува потребата за брзо и достапно поврзување и меѓу францускиот регион и на меѓународно ниво.
„Како ТАВ аеродроми, аеродромски оператор, со задоволство ја објавуваме оваа атрактивна авиолинија и ново воздушно поврзување меѓу Скопје и Париз. Новата авиолинија, обезбедена благодарение на авиокомпанијата easyJet е значајна пресвртница бидејќи ова е првпат Меѓународниот аеродром Скопје да се поврзе авионски со директен лет со аеродромот Орли, кој исто така е управуван од групацијата АДП, чија членка е и ТАВ аеродроми. Покрај тоа, оваа нова можност за патување дополнително ќе им овозможи на нашите патници да ја пробаат услугата на уште една нискобуџетна авиокомпанија, со што ќе им обезбедиме на нашите патници повеќе опции за патување и можности да се поврзат со еден од најживописните градови во Европа, познат како Градот на светлината“, изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.
Оваа нова авиолинија им дава можност и на француските граѓани лесно да го истражат Скопје, динамичниот град кој нуди фасцинантен спој на култури, историја и модерност.
„Среќен сум што можам да го најавам отворањето на нова меѓународна авиолинија до Скопје, во Македонија, од нашата база Париз-Орли. Минатата година, 3,4 милиони патници избраа да ни веруваат за нивните патувања преку Орли, а со оваа нова дестинација се надеваме дека ќе им овозможиме на илјадници парижани да ја откријат убавината и уникатноста на Балканот, секогаш со одлична вредност за парите“, изјави Реџиналд Отен, заменик директор на easyJet за Франција.
Цената на билетот во еден правец е 60 евра.