Тема на разговорот беше новиот колективен договор за вработените во основните и средните училишта.
За голем број од точките за кои се преговара, како што истакна министерката, веќе се усогласени ставовите, останува дополнително да се доусогласат и останатите точки, како што се покачувања за дел од класното раководство, плаќање надоместок за пат на одредени наставници кои работат подалеку од училиштето, како и за некои други погодности кои ќе ги имаат членовите на СОНК.
„Ова е еден од бројните кои ги одржувам со нашиот социјален партнер со цел подобрување на правата и можностите на вработените во основните и средните училишта. Низ тој континуиран процес со бројни разговори и преговори постигнуваме одредени заеднички ставови кои мислам дека ќе ги досредиме во иднина и ќе дојдеме до конечното решение за потпишување на новиот колективен договор“, изјави министерката Јаневска и додаде дека е убедена оти релативно брзо ќе биде потпишан колективниот договор.
Претседателот на СОНК потврди дека се во завршна фаза на преговорите за колективните договор за основно и средно образование.
„Тоа се колективни договори кои не се обновени од 2008 година што само по себе укажува дека се комплексни и дека се многу важни за нашите членови и за вработените во основното и средното образование. Токму затоа бараат многу сериозен пристап за носење на нивните финални решенија“, рече Неделков.
Како синдикат, додаде, со новиот колективен договор очекуваме многу повеќе привилегии за нашите членови кои не се опфатени со соодветен закон или некој друг колективен договор.
„Во новиот колективен договор се бараат зголемени права за нашите членови во однос на актуелни закони и колективни договори. Сè уште сме во фаза на завршни преговори, се работи најчесто за финансиски побарувања и права од финансиски карактер за кои сметам дека брзо ќе се договориме и ќе се потпишат колективните договори“, посочи Неделков.