сабота, 19 октомври 2024

Очната клиника вовела дежурства без согласност од Министерството за здравство, констатира ДЗР

Финансиските извештаи на две сметки на Клиниката за очни болести за 2022 година се прикажани објективно и вистинито и тие се во согласност со релевантните закони и воспоставената пракса, утврдил Државниот завод за ревизија (ДЗР) во најновиот Ревизорски изшвештај што го објави денеска. Сепак, ревизорите констатирале дека постои несразмерен однос помеѓу бројот на реализирани редовни и итни прегледи, разлики помеѓу пресметаната партиципација и висината на наплатените приходи од здравствени услуги, но и несоодветна примена на Законот за јавни набавки при постапките на спорведувањето на јавните набавки.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Државниот завод за ревизија (ДЗР) изврши ревизија на две сметки на Универзитетската клиника за очни болести за 2022 година. Во првата која се однесува на сметката за пари од програмите за здравствена заштита, сопствено учество на пациентите во цената на услугата и други пари од сопствени приходи, ревизорите изразиле мислење со резерва во однос на вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и мислење без резерва за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантните закони за 2022 година.

„Со ревизијата е утврдено дека постојат разлики помеѓу пресметаната партиципација и висината на наплатените приходи од здравствени услуги во висина од 3.971 илјади денари. Клиниката има и ненаплатени побарувања од Министерството за здравство за извршени здравствени услуги за здравствена заштита во износ од 3.580 илјади денари“, пишува во Ревизорскиот извештај на ДЗР.

Според ДЗР финансиските извештаи на Клиниката за очни болести се прикажани објективно и вистинито и тие се во согласност со релевантните закони и воспоставената пракса.

Што се однесува до сметката на оваа клиника за финансиското работење со пари од Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) ревизорите изразиле мислење без резерва за објективноста и вистинитоста на финансиските извештаи но и мислење со резерва за усогласеноста на финансиските трансакции со законите релевантни во 2022 година.

„Со извршената ревизија е утврдено дека во дел од спроведените јавни набавки постои несоодветна примена на Законот за јавни набавки, за обезбедување на 24 часовна здравствена дејност Клиниката вовела дежурства но за истите не обезбедила согласност од Министерството за здравство и дека постои несразмерен број на реализирани редовни и итни прегледи, што влијае на еднаквата достапност на здравствените услуги кои ги дава клиниката“, пишува во Извештајот на ДЗР.

Ревизорите уште забележале за начинот на лекување на дел од пациентите со лекови кои не се на позитивната листа, а за кои се обезбедува условен надоместок од ФЗОМ. Во Извештајот уште се наведува дека Националниот систем за материјално-финансиско и сметководствено работење и Централниот систем за регистрација на рботното време при Министерството за здравство не се воспоставени во целост.

„Во делот на недостатоци во внатрешните контроли, ревизијата известува за слабости во процесот на приме, издавање и потрошувачка на залихи на материјали“, забележале државните ревизори.

Од ДЗР велат дека Клиниката за очни болести не дала забелешки за овој Ревизорски извештај и дека за надминување на утврдените состојби, Заводот дал препораки до одговорните на Очната клиника.

 

 

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ