На пет локации во Скопје и Гостивар извршени се претреси на дом и други простории при што се пронајдени и одземени автоматска пушка, пиштол, пропаганден материјал, телефонски апарати, компјутерска опрема и други предмети што ќе бидат предмет на понатамошни форензички вештачења, а уапсени се четири лица, соопштија од ОЈО ГОКК.
Како што се наведува во соопштението на ОЈО ГОКК, акцијата е резултат на преземените дејствија на лабораторијата за дигитална форензика при ОЈО ГОКК, каде се откриени повеќе групи на социјалната мрежа Телеграм во кои осомничените споделувале претходно набавен и преведен пропаганден материјал на ИСИС и регрутирале нови членови.
„Постапувајќи по кривичната пријава надлежниот обвинител донесе наредба за спроведување на истражна постапка против овие лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело терористичка организација. Ценејќи дека се исполнети законските услови, предметниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлози за определување на мерка притвор спрема сите осомничени. Судијата го прифати предлогот и на осомничените им определи мерка притвор во траење од 30 дена“, информираат од ОЈО ГОКК.
Од МВР информираа дека за првопријавениот постојат основи на сомневања дека создал терористичка ќелија во која што со активно учество делувале останатите тројца осомничени.
„Намерата на членовите на терористичката ќелија била извршување на терористички акт на цивилни или така наречени меки цели односно јавни објекти на територија на Македонија со намера да се создаде чувство на несигурност или страв кај граѓаните. Ќелијата делувала од позиција на идеолошка матрица на познатата терористичка организација ИСИС и за остварување на намерата прво пријавениот формирал повеќе групи на социјалната мрежа Телеграм, во кои што споделувал претходно набавен и преведен пропаганден материјал на ИСИС и регрутирал нови членови, се обидел да набави огнено оружје, а набавил и упатства за изработка на импровизирани експлозивни направи кои што потоа ќе ги искористат за извршување на терористички напади. Останатите членови биле дел од телеграм групите, каде што се споделувале преведени материјали кои претходно биле преземени од официјални медиуми користени од терористичка организација ИСИС“, соопшти МВР.