сабота, 27 јули 2024

Обвинителството потврди дека води истрага против судијата Георгиев и членот на СЈО, Мемети

По претходна пријава од син на обвинет во предмет што се води во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), вчера во попладневните часови МВР реализираше акција во која од слобода е лишен активен врховен судија, информираше денеска ОЈО ГОКК откако медиумите вчера објавија дека врховниот судија Наке Георгиев е уапсен поради сомнеж за поткуп од 10.000 евра. Денеска утрово пак беше објвена информацијата дека истрагата е насочена и кон членот на Советот на јавни обвинители СЈОРМ), Иџет Мемети.

Објавено на

часот

Сподели

„Според сознанијата добиени од пријавителот, првоосомничениот користејќи ја својата службена положба и претпоставено влијание лажно ветувал погодности за обвинет (татко на пријавителот) во друга постапка што се води пред Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, и лажно прикажале дека ќе извршат влијание заедно со второосомничениот“, информираат од ОЈО ГОКК.

Оттаму информираат дека освен претресите што беа извршени синоќа, надлежниот обвинител доставил и предлог за определување на мерката притвор но само за првоосомничениот, судијата Наке Георгиев.

„Со оглед на тоа што станува збор за судија во највисокиот суд во државата – Врховниот суд кој ужива имунитет, а кој е фатен на лице место во извршување на кривичното дело, предлогот преку Основниот кривичен суд е доставен на одлучување до Судскиот совет кој во текот на ноќта му го одзеде имунитетот, по што денеска Основниот кривичен суд Скопје ќе одлучува за предложената мерка“, велат од ОЈО ГОКК.

Што се однесува до второсомничениот, членот на Советот на јавни обвинители, Иџет Мемети, од ОЈО ГОКК велат дека според прибраните докази и извршените претреси до овој момент нема основа да се бара притвор.

„Во однос на второосомничениот до овој момент доказите не даваат основи за да се предложи најстрога мерка за обезбедување. Истрагата продолжува до целосна проверка на сите околности и наводи“, нагласуваат од ОЈО ГОКК.

Судскиот совет на синоќа итно свиканата 487 седница одлучи да му го одземе имунитетот на врховниот судија Наке Георгиев и воедно одлучи да ја одобри мерката притвор што претходно беше побарана од Јавното обвинителство. Врховниот судија Наке Георгиев е осомничен за примање поткуп од 10.000 евра.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ