четврток, 30 мај 2024

Обвинителството отвори истрага против еден од несмасните крадци на сеф во скопско Црниче

Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје поведе постапка против 23-годишник осомничен за кривично дело тешка кражба. Тој е еден од четворицата осомничени кои ноќта помеѓу 31 март и 1 април годинава со автомобил насилно влегле во маркет во скопската населба Црниче и несмасно се обиделе да го украдат сефот од канцелариите на маркетот.

Објавено на

часот

Сподели

Како што информираше Јавното обвинителство, ноќта меѓу 31 март и 1 април, осомничениот заедно со уште тројца други, провалиле во затворен маркет на улицата Востаничка во Скопје, одзеле метален сеф во вредност од 12.000 денари, дневен промет во износ од 228.000 денари и цигари вредни  45.000 денари, или сѐ во вкупна вредност од 285.000 денари.

„Со возило пристигнале пред маркетот, со употреба на погоден алат – хебла, клешти и друго делувале врз влезната врата од маркетот, но не успеале да ја отворат. Еден од сторителите го стартувал возилото и удрил со задниот дел, кршејќи ги двете лизгачки врати. Потоа заедно со останатите осомничени ги демонтирале и ги поставиле покрај влезот од маркетот. Преку така направениот отвор сега осомничениот заедно со другите лица влегол во просторијата наменета за вработени, од каде го одзеле металниот сеф со дневен промет и цигарите, па заминале во непознат правец“, информираа од Јавното обвинителство.

Обвинителството доставило предлог за определување мерка притвор на осомничениот, затоа што според надлежниот обвинител постојат околности што „очигледно укажуваат на опасност од бегство.

„Полицијата работи на откривање на неговите соучесници“, информираа од Јавното обвинителство.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ