среда, 12 март 2025

Обвинителството на БиХ нареди Додик да се приведе

Обвинителството на Босна и Херцеговина (БиХ) издаде наредба да се приведат претседателот на Република Српска (РС) Милорад Додик, премиерот на РС Радован Вишковиќ и претседателот на Народното собрание на РС, Ненад Стевандиќ, за сослушување.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Додик, Вишковиќ и Стевандиќ треба да бидат приведени од правосудната полиција со асистенција на која било полициска агенција, пишува Кликс.ба. Обвинителството ги товари за сторено кривично дело напад на уставниот поредок.

Од канцеларијата на Вишковиќ за медиумите во РС потврдија дека добиле информации за налогот за апсење потпишан од државниот обвинител Ќазим Хасанспахиќ. Оваа наредба, наводно, била проследена до правосудната полиција, Министерството за внатрешни работи на РС како и Државната агенција за истрага и заштита (СИПА), но од Обвинителството на БиХ нема коментар.

Додик, Вишковиќ и Стевандиќ не се јавија на претходните покани од Обвинителството на БиХ на распит. Доколку не бидат приведени, ќе биде издадена внатрешна потерница според која секоја полициска агенција во БиХ може да ги приведе, вклучително и Граничната полиција.

Доколку не се приведени ниту врз основа на внатрешна потерница, тогаш се распишува потерница од Интерпол, односно меѓународна.

Немаше директна реакција од тројцата осомничени, а Радован Ковачевиќ, портпарол на Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД) на Додик, во утринските часови упати воинствена порака во нивно име.

Во објава на социјалната мрежа Икс напиша дека „никој нема и не може да го уапси државниот врв на РС“. „Секој облик на радикализација од Сараево ќе наиде на жесток одговор од РС. Политички и институционален“, се закани Ковачевиќ.

Минатата недела Додик потпиша одлуки за објавување закони со кои се забрануваат активностите на Судот и Обвинителството на Босна и Херцеговина, СИПА и Високиот судски и обвинителски совет на БиХ (ВСТВ) на територијата на РС.

Овие акти беа усвоени од Националното собрание на РС на посебна седница на 27 февруари и се во спротивност со одредбите на Уставот на БиХ, а многу аналитичари ги сметаат за државен удар. Вишковиќ е формален предлагач на спорните акти, додека Стевандиќ го водеше процесот на нивно донесување во парламентот.

Министерот за надворешни работи на БиХ, Елмедин Конаковиќ тогаш најави дека правната држава ќе реагира на постапките на Додик и неговите соработници.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ