сабота, 27 јули 2024

Обвинителен акт за злоупотреба на спортските ваучери на Мојсоски, Каевски, Димевски…

Наумче Мојсоски, актуелниот директор на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, претходниот директор на агенцијата и Даниел Димевски, првиот човек на Македонскиот олимписки комитет се на листата од 12 лица за кои денеска е поднесен обвинителен акт во врска со доделувањето на т.н спортски ваучери. За злоупотреба на службената положба обвинети се Мојсоски и Каевски, а другите се обвинети за несовесно работење. ЈО не ги објави имињата на тие 12 лица, но според претходните информации од ДКСК се претпоставува дека на таа листав се и Мојсоски, Каевски и Димевски.

Објавено на

часот

Сподели

„Постапувајќи по поднесената иницијатива од Државната комисија за спречување на корупцијата, надлежниот јавен обвинител поднел обвинителен предлог против 12 лица за кривични дела – злоупотреба на службена положба и несовесно работење. За осомничените до Основниот кривичен суд Скопје е доставен предлог за определување мерки на претпазливост“, соопшти попладнево Јавното обвинителство.

Во предметот на Државната комисија за спречување на корупцијата беа присутни сомневања дека спортските федерации, клубовите и спортистите добиваа ваучери, а одредена фирма ги реализираше под услов дел од парите да ги добие назад преку даночно ослободување.

Во февруари минатата година ДКСК побара кривично да се гони директорот на АМС, Наумче Мојсоски. ДКСК се сомневаше дека претседателот на Агенцијата и членовите на Централната комисија во 2020, 2021 и 2022 година, по пат на искористување на службената положба и несовесно работење, заобиколувајќи ги законските процедури, извршиле распределба на пари, со што го оштетиле Буџетот на државата, но и луѓето што имале законско право на тие пари, а не им биле доделени.

„Не почитувајќи ги критериумите за доделување средства по ваучер-системот, постојат сомнежи дека Централната комисија во континуитет од 2020 година досега врши незаконска распределба, односно доделување ваучери на повластени корисници, федерации и клубови, согласно интересот на поединци и групи, можеби и политички партии и ги ставиле во неповолна положба оние спортски субјекти кои не добиле соодветни средства, иако тоа право законски им припаѓало“, кажа тогаш членот на ДКСК, Владимир Георгиев.

Во целиот случај се вклучи и Даниел Димевски претседател на Македонскиот олимписки комитет кој од Владата побара разрешување на Мојсоски од раководната позиција на АМС и на членовите на Централната комисија при Агенцијата.

Мојсоски веднаш реагираше и ги отфрли обвинувањата како неточни.

„Целосно ги отфрлам наводите на ДКСК како неосновани, неточни и инспирирани од лукративни цели на сомнителни спортски институции. Сакаме да потенцираме дека и на јавната седница на ДКСК, но и преку тенденциозни соопштенија на одредени спортски институции, инспирирани единствено од лукративни цели, се изнесоа еден куп невистини и погрешно утврдени факти за примената на Законот за спорт и подзаконските акти кои се однесуваат во делот на даночните олеснувања, а се во функција на финансиска поддршка на македонскиот спортски систем“, пишуваше во тогаш во реакцијата на Мојсоски и АМС.

Каевски беше директор на Агенцијата за млади и спорт до октомври 2020 година, а сега е пратеник во Собранието од редовите на СДСМ. Димевски во тоа време беше претседател на Централната комисија за доделување на ваучерите.

По иницијативата на ДКСК следеа низа обвинувања меѓу Агенцијата за млади и спорт и Македонскиот олимписки комитет.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ