сабота, 27 јули 2024

Обвинителството поднесе обвинение против 12 луѓе за случајот со спортските ваучери на АМС

Постапувајќи по поднесената иницијатива од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), надлежниот јавен обвинител поднел обвинителен предлог против 12 луѓе за кривични дела злоупотреба на службена положба и за несовесно работење, информираше денеска Јавното обвинителство (ЈО). Од oбвинителството не потврдуваат дека станува збор за случајот со доделувње на спортски ваучери за кој ДКСК во февруари минатата година, побара кривично да се годни директорот на Агенцијата за млади и спорт (АМС), Наумче Мојсоски.

Објавено на

часот

Сподели

Во кусата информација, од oбвинителството не потврдуваат дека станува збор за случајот со доделувањењто на спортски ваучери од страна на Агенцијата за млади и спорт.

„За осомничените до Основниот кривичен суд Скопје е доставен предлог за определување мерки на претпазливост“, информираа од ЈО.

Од Обвинителството не даваат ниту информација за што точно се обвинети 12-те осомничени, дали, како и колкава штета е нанесена на Буџетот со начинот на кој што биле доделувни спортските ваучери.

Неофицијално, нанесената штета на Буџетот е околу 5 милиони евра.

Дополнително, нема информации зошто и како Обвинителството се одлучило да поднесе обвинителен предлог, а не обвинителен акт.

За кривичните дела за кои се обвинети 12 вработени од Агенцијата за млади и спорт (АМС) е предвидена казна затвор до 5 години.

Во февруари минатата година, Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) побара кривично да се годни директорот на АМС, Наумче Мојсоски.

ДКСК се сомневаше дека претседателот на Агенцијата и членовите на Централната комисија во 2020, 2021 и 2022 година, по пат на искористување на службената положба и несовесно работење, заобиколувајќи ги законските процедури, извршиле распределба на пари, со што го оштетиле Буџетот на државата, но и луѓето што имале законско право на тие пари, а не им биле доделени.

„Не почитувајќи ги критериумите за доделување средства по ваучер-системот, постојат сомнежи дека Централната комисија во континуитет од 2020 година досега врши незаконска распределба, односно доделување ваучери на повластени корисници, федерации и клубови, согласно интересот на поединци и групи, можеби и политички партии и ги ставиле во неповолна положба оние спортски субјекти кои не добиле соодветни средства, иако тоа право законски им припаѓало“, кажа тогаш членот на ДКСК, Владимир Георгиев.

Во целиот случај се вклучи и Даниел Димевски претседател на Македонскиот олимписки комитет кој од Владата побара разрешување на Мојсоски од раководната позиција на АМС и на членовите на Централната комисија при Агенцијата.

Мојсоски веднаш реагираше и ги отфрли обвинувањата како неточни.

„Целосно ги отфрлам наводите на ДКСК како неосновани, неточни и инспирирани од лукративни цели на сомнителни спортски институции. Сакаме да потенцираме дека и на јавната седница на ДКСК, но и преку тенденциозни соопштенија на одредени спортски институции, инспирирани единствено од лукративни цели, се изнесоа еден куп невистини и погрешно утврдени факти за примената на Законот за спорт и подзаконските акти кои се однесуваат во делот на даночните олеснувања, а се во функција на финансиска поддршка на македонскиот спортски систем“, пишуваше во тогаш во реакцијата на Мојсоски и АМС.

 

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ