На предлог на Обвинителството на денешното рочиште беа изведени шест ЦД дискови со видеа од безбедносните камери поставени на куќата на обвинетиот Велибор Манев, каде се наоѓа материјал од безбедносните камери, што ги опфаќа деновите од 20 ноември до 3 декември 2023 година со 24-часовен надзор.
Во видео материјалите, најпрвин се гледа како лице влегува во дворот на Манев, а обвинителството тврди дека тоа е обвинетиот Боре Видевски, а според видео снимките, подоцна во дворот дошле и обвинетите Влатко Кешишев и Љупчо Палевски.
„На видеото се забележува како Палевски и Видевски, но и Манев разговараат на микрофоните од радиостаница односно вршат тестирање дали истите функционираат. Забележливо е и дека Палевски на јакната има закачено микрофон, а истото го имаат и Манев и Видевски“, посочи обвинителката при изведувањето на доказите.
Според забелешката на обвинителството, на едно од видеата Палевски носел јакна што на ракавите има бели траки три, а исто така и обвинетиот Манев бил облечен во тренерка што на ракавите има три бели траки.
„Значајно е бидејќи на минатото рочиште имаше видеа од камерите на Романтик кај Велес, беше забележано дека две лица во возилата – по едно во цитроен и рено кангу, на своите ракави имаа бели траки“, беше појаснето од страна на обвинителката.
Како што тврди обвинителството, на едно од видеата, Велибор Манев излегол од дворот и се упатил пеш во правец кон Велес каде се наоѓала куќата на Панче Жежовски. По Велибор и возилото рено кангу се упатило кон истиот правец кон Велес, каде се наоѓа куќата на оштетениот Жежовски.
Според видеата што беа презентирани, обвинителството појаснува дека имало еден неуспешен обид за грабнување и убиство на Вања, на 24 ноември, кога на снимката имало и подавање, најверојатно на црни ракавици, а биле извадени и две лопати и други предмети, две кофи, вреќа за спиење.
Обвинителството пред судот преку снимките сака да докаже дека обвинетите на 24 ноември 2023 година имале неуспешен обидниз да ја грабнат Ѓорчевска. Подготовките се правеле во куќата на Велибор Манев.
Според снимките прв кај Манев доаѓа Велибор Видевски со возило шкода, во 3:47 минути. Обвинителите посочија дека се гледа дека е облечен со истата јакна и капа кои ги носел дента кога бил убиен Панче Жежовски. Презентирајќи ги снимките, обвинителите рекоа дека Манев и Видевски разменуваат ракавици, а Видевски, ги навлекува на рацете. Оттука, одат пеш во правец кон Велес, а на која страна се наоѓа и домот на веќе убиениот Жежовски, на соседната улица.
Назад кон куќата на Манев се враќаат во 4:28 минут. Манев го зема реното кангу кое е паркирано во куќата, Боре Видевски седнува на совозачко седиште и заминуваат во правец кон Велес.
Според обвинителството, ова се моментите кога обвинетите неуспешно се обиделе да ја грабнат Вања Ѓорчевска.
Утрото, на 24 ноември 2023 година во 10:08 минути, реното кангу се враќа.
Според обвинителството, Боре Видевски излегол од совозачкото седиште, а возел Велибор Манев. Видевски заминал со автомобилот шкода со кој претходно дошол.
„Од гепекот на реното вади вреќа за спиење, темно сина боја, ја дипли и ја враќа. На снимка од 25 ноември пред куќата се паркирани ерцеседот и реното кангу. Манев излегува од мерцедесот и оди кон шкодата, двајцата стојат на улицата. Потоа, Боре Видевски се упатува кон рено кангу и седнува на возачкото место, а Манев влегува во мерцедесот. Во 16:41 тргнуваат двете возила кон Велес. Во 19:30 доаѓа мерцедесот, Боре излегува, ја отвара капијата и паркира. Боре Видевски се упатува кон шкодата и заминува. Заклучуваме дека возилото рено кангу се движи кон Скопје за да биде искристено за настанот од 27 ноември 2023 година, а мерцедесот на Манев се враќа за да може да се искористи за планираните активности на 26 и на 27 ноември 2023 година“, рече обвинителката Ана Стојновиќ-Димитриевска.
Бранителот на Палевски, адвокатот Јовица Страшевски даде приговор за доказите и рече дека му е жал што не можел да реагира директно на снимките. Според него, се гледало препаркирање и движење на возила, без конкретни дејствија.
„Како тоа на една од снимките за три секунди од ноќ станува ден“, праша адвокатот на Палевски.
Палевски во судницата за денеска презентираните материјали рече дека се манипулирани и неверодостојни. Тој обвини за наметнување лажни докази.
„Последен пат со обвинетите сум бил на 5 мај, а не на 22 ноември. На снимките себеси не се препознавам. Невозможно е да не оставам траги во кангуто, а да оставам дури седум во ренџ роверот со кој одев во Турција“, рече Палевски.
Тој најави нови докази кои ги добил од свиркач од МВР, кој, според неговите зборови „наместо да биде награден е избркан од работа“.
На денешното рочиште судот судот објави термини за изведување докази и сведоци од страна на одбраната откако со денешното презентирање видео снимки од дворот на обвинетиот Велибор Манев, заврши изведувањето на доказите на Јавното обвинителство за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.
Адвокатите на првообвинетиот Љупчо Палевски предложија тројца сведоци и побараа да се испита самиот Палевски. Адвокатите на сите други обвинети ги предложија нивните клиенти да сведочат пред судот. Судот прифати да се испитааат сите обвинети. Тие ќе сведочат по следниот редослед: Велибор Манев, Боре Видевски, Влатко Кешишев, Александар Ѓорчевски и на крајот Љупчо Палевски.
На 26 февруари во 10.30 ќе се почне со првиот сведок на одбраната на Палевски и со материјални докази. На 5 март во 10 часот ќе бидат повикани останатите двајца сведоци, Мартин Панчевски и Стојан Кујунџиевски од СВР Велес. Ако не дојдат сведоците, ќе се почне со испитување на обвинетите.
Случајот го води судијата Ивица Стефановски, а застапник на обвинението е обвинителката Жаклина Крстевска Јосифовска.
За двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски обвинети се Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски, кои се произнесоа дека не се чувствуваат виновни.
На минатото рочиште беа изведувани материјални докази од страна на Јавното обвинителство, кои вклучуваа предмети собрани од местото на настаните и извештаи од техничка обработка на возилото Рено Кангу.
Според обвинението, Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, се обвинети дека заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември 2023 година, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.