Како што информира ОЈО ГОКК, обвинителниот акт се темели на докази од кои произлегува дека обвинетиот – управител на градежна фирма сторил кривично дело со дејствијата што ги преземал во период од февруари до април 2013 година, свесно повредувајќи ги прописите за постапката за доделување на договор за јавна набавка со што сторил кривично дело злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство.
„Имено тој, склучил договори за заеднички настап со три други правни лица со цел да бидат искористени ресурсите на членовите на групата при оценување на економско финансиската состојба на понудувачот, иако немал намера истите да ги ангажира при реализацијата на договорот и изведба на градежни и градежно-занаетчиски работи за реконструкција на фасадата и илуминација на објектот на Владата. Воедно, во понудата, и покрај тоа што бил должен согласно Законот за јавни набавки, доставил два подизведувачки договори со други две правни лица, но не и за останатите подизведувачи на кои имал намера да им отстапи дел од договорот за јавна набавка. По склучување на договорот за јавна набавка, обвинетиот не постапил по договорите за заеднички настап, според кои правните лица како членови на група економски оператори ставајќи ги на располагање своите техничко-технолошка опрема, кадар и финасиско-економски ресурси, требало да изведуваат дел од работите доколку бидат доделени на правното лице чиј управител е обвинетиот. Со преземените дејствија обвинетиот за друштвото со кое управувал остварил имотна корист од поголеми размери во износ од 470.018.103 денари“, се наведува во соопштението на ОЈО ГОКК.
Заедно со обвинението, ОЈО ГОКК достави и обвинителен предлог со кој освен сопственикот на градежната фирма се опфатени уште тројца други, меѓу кои и поранешниот директор на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) Васе Доневски, кои сториле по едно продолжено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување.
Според обвинителството, во периодот од месец мај 2013 до крајот на октомври 2016 година, обвинетите, тогашниот директор на владината СОЗР, Васе Доневски, управител на правно лице задолжено за стручен надзор над работењето на фасадата и илуминација на објектот на Владата и главен надзорен инженер, со умисла поттикнати од првообвинетиот – управител на друштво за градежништво, трговија и услуги – изведувач на проектот, со намера нанеле значителна имотна штета на средствата на Буџетот на Република Македонија во износ од 184.015.304 денари.
„Така, подизведувачот за изведување на градежни и градежно занаетчиски работи за изведба на декоративни и фасадни елемети и изведба на каменорезачки работи за објектот на Владата, иако не поседувал лиценца за изведувач на градби од прва категорија, бил ангажиран и притоа не ги испочитувал одредбите од подизведувачкиот договор, па извршил монтажа на декоративни фасадни елементи изработени од материјал што не соодветствувал на материјалот предвиден во основниот проект. Второобвинетиот, со умисла поттикнат од првообвинетиот, не ја извршил својата службена должност и при реализацијата на договорот не ставал забелешки во поглед на начинот на изведба на работите и употребениот материјал и покрај тоа што сертификатите и целокупната преписка помеѓу изведувачот на работите и носителите на стручниот надзор во поглед на материјалите и изведбата на декоративните фасадни елементи била доставувана до него, со тоа дозволил декоративните фасадни елементи од материјал што ги нема потребните карактеристики да бидат вградени. Трето и четврто обвинетите како одговорни лица за реализација на договорот, со умисла поттикнати од првоосомничениот, не ги извршувале своите посебни овластувања и должности, не вршеле проверка на квалитетот на вградените материјали во градбата и не ставале забелешки во градежните дневници во однос на материјалот од кој биле изработени фасадните елементи со што му овозможиле на друштвото – изведувач преку ангажираниот подизведувач да изведе и да вгради елементи изработени од материјал што не ги поседувал потребните карактеристики и не бил еквивалентен на материјалот предвиден во основниот проект“, информираа од ОЈО ГОКК.
Во 2018 година Финансиката полиција му поднесе кривична пријава на поранешниот директор на СОЗР, Васе Доневски поради злоупотреба на службената положба при ангажирање на фирмата Секјуриком за одржување и обезбедување на објектот на Владата. Додека траеше истрагата на Доневски му беше определена и мерката притвор.