Украинскиот амбасадор во ОБСЕ, Евгениј Цимбаљук во обраќањето на 30. Министерски самит на ОБСЕ во Скопје, симболично покажа, како што објасни, пет зрна изгорени со ирански дрон и кажа дека , Русија досега уништила стотици илјадници тони житарки, со што, како што нагласи, остави многу семејства низ целиот свет без храна.
„На светот му треба вакцина против обидите за користење на храната како оружје“, нагласи Цимбаљук.
Според него, ОБСЕ во изминатите две години покажала дека е најкорисно, кога ги игнорира уцените од Русија.
„Во спротивно Русија ќе бара, уште и уште отстапки. Јасно е дека не можеме да ја градиме иднината на ОБСЕ, со земја која ја киднапира нашата иднина и нашите деца“, порача Цимбаљук.
Тој од ОБСЕ побара дополнителна изолација на Русија и нејзините „малигни акции“.
Британија, САД и Германија нема да дозволат уништување на ОБСЕ
Русија е одговорна за конфликтот, а нивните постапки се неодбранливи и ги прегазуваат сите десет начела на Хелсиншкиот завршен акт, врз кој почиваат односите меѓу државите, рече шефот на британската дипломатија Дејвид Камерон на синоќешната неформална вечера пред министрите за надворешни работи во Скопје пред почетокот на 30. Министерски самит на ОБСЕ.
„Обединетото Кралство ќе стои со Украина онолку долго колку што е потребно и ќе продолжи да дава морална, дипломатска, економска и воена поддршка“, информираа од британската делегација во ОБСЕ.
Истиот став го дели и помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија Џејмс Обрајен.
Тој во своето обраќање за време на 30. Министерски состанок на ОБСЕ во Скопје посочи дека ОБСЕ го покажува патот на владите кои работат на промовирање на човековите права и основните човекови вредности. Според него, блокадата на Организацијата е директна закана кон нејзините основни вредности. Тој останува на ставот дека руската офанзива кон Украина е директна закана за слободата на цивилното население, за меѓународното право, како и принципите на ОБСЕ.
„Русија продолжува да ги прекршува принципите на ОБСЕ. Се приклучувам кон гласот на моите колеги кои ја повикуваат Русија да ги сопре прекршувањата на основните принципи на Организацијата, но не сум сигурен дека се волни да го слушнат. Верувам дека ОБСЕ ќе напредува и дека Малта како претседавач ќе може да заврши одлична работа во 2024 година“, додаде Обрајен.
Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок во своето обраќање порача дека ОБСЕ нема да ја дозволи играта на Русија и да ги уништи организациите кои се потпираат на мирен соживот и соработка.
„Како ниедна друга организација, ОБСЕ се залага за безбедност на повеќе од 1,3 милијарди луѓе, што значи дека тие сакаат да живеат заедно во мир и безбедност и добар економски развој. Фактот дека Русија не успеа да го уништи ОБСЕ е важен придонес за нашиот мировен поредок, рече Бербок.
Ништо помек не беше и данскиот шеф надипломатијата, Лаф Расмунсен кој заклучи дека дијалогот завршил кога Лавров по неговото обраќање го напушти состанокот и рече дека Русија нема да може да ја подели Европа.
„Во секој случај нема да ѝ дозволиме на Русија да ја спречи Украина да носи свои независни одлуки во врска со безбедносната политика“, рече Расмунсен.
Србија прјателски расположена, Унгарија и Австрија бараат да се врати дијалогот
Најрасположен кон рускиот шеф на дипломатијата, Сергеј Лавров беше српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ. Тој од нога пријателски се поздрави со Лавров со кого размени два, три збора по што се смести на местото предвидено за српската делегација, две столчиња после шефот на руската дипломатија.
Наместо натамошно оддалечување меѓу Истокот и Западот и на нивните економии, да се даде шанса на враќање на цивилизираната соработка или барем на дијалогот, порача министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто.
„Навистина се надевавме дека овде ќе видиме директна комуникација помеѓу колегите од Русија и Соединетите Американски Држави. Со жалење гледаме дека тоа не се случи. Иако верувам дека таква комуникација, таков директен контакт ќе биде од корист за сите нас, за цела Европа и за мирољубивите луѓе. Се надеваме дека може да го искористиме постоењето на ОБСЕ како платформа за дијалог. Која би била другата причина за постоењето на ОБСЕ ако не за дијалог меѓу колегите од Истокот и Западот“, рече Сијарто.
Тој оствари средба со Лавров и изјави дека Унгарија ќе продолжи да соработува со Русија без оглед на надворешниот притисок, пренесе руски Путник.
Шефот на австриската дипломатија, Александер Шаленберг изјави дека Западот не смее да се плаши да седне со Русите на маса.
„Тенденцијата на Западот да се изолира Москва е опасна по живот. Дипломатијата која ја спроведува ОБСЕ е класичен мултилатерализам во најдобра смисла. Целосно ги разбирам сите негодувања околу присуството на Лавров, но ОБСЕ ќе биде незаменлив во периодот по завршувањето на украинскиот конфликт. Ни треба повеќе ОБСЕ во иднина, а не помалку“, додаде Шаленберг.
Акутелниот и идниот претседавач со ОБСЕ со дипломатски речник ја осудија Русија
Иако осудата на руската агресија врз Украина не ја доведоа во прашање, сепак премиерот Димитар Ковачевски, македонскиот шеф на дипломатијата, Бујар Османи, претседателката на Парламентарното собрание на ОБСЕ Пиа Каума и генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Марија Шмид која го претстави Извештајот за работата на оваа организација критиките кон Русија ги упатија со дипломатски речник.
Иако си пуштија рака сепак, Османи и Лавров се поздравија со стиснати насмевки.
А премиерот Димитар Ковачевски пред почетокот на Министерскиот совет изјави дека со тоа што на состанокот не дојдоа повеќе министри, секоја земја на некој начин испраќа порака за „неоправданата агресија на Русија врз Украина“.
„Некои тоа го прават со нивно отсуство, некои со нивно присуство и со многу јасно искажани ставови во однос на неоправданоста на оваа агресија. Истото ќе го направам и јас на првото излагање кое што ќе го имам денеска на отворањето на овој значаен настан“, рече премиерот.
Според Ковачевски доаѓањето на руската делегација никако не значи и дипломатска победа на Русија.
„Ова апсолутно не е никаква дипломатска победа на Русија, ова е дипломатска победа на ОБСЕ со оглед на тоа дека беше доведено во прашање функционирањето на Организацијата“, рече Ковачевски.
А Иан Борг, министерот за надворешни работи на Малта, идниот претседавач со ОБСЕ рече дека членките на Организацијата мора да се обидат колективно да ја зачуваат и зајакнат ОБСЕ.
Очигледно е, нагласи Борг, дека мултилатерализмот се соочува со предизвици, но останува клучен за справување со глобалните проблеми, од спречување на конфликти до справување со климатските промени, бидејќи, како што нагласи, ниту една земја не може сама да се справи со овие предизвици и затоа клучни се соработката, инклузивноста и координираните напори во рамки на поставените правила.
„Како Организација се наоѓаме во комплексна и критична ситуација. Насилството како средство за остварување на целите не е во духот на Хелсиншкиот акт и мора да се вратиме на деескалација и мирно решавање на споротвите со почит кон дијалогот. Во духот на Хелсиншкиот акт, не е, ниту користењето на вето за спречување на ОБСЕ во остварување на своите основни цели. Малта останува посветена на обезбедување на хуманитарна помош и поддршка за Украина и Русија мора целосно да се повлече од целата нејзина територија. Мора да се вратиме на барањето компромис, дури и кога ни е тешко да се согласиме. Ова е тешка, но витална задача. Дипломатијата останува најдобра алатка за овој потфат,“, нагласи Борг.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во неговото обраќање на 30. Министерски совет на ОБСЕ меѓу другото кажа дека „во обид да ја урнат руската економија, САД и нивните европски сателити воведоа илјадници санкции против Русија, со што ставија крај на широката практична соработка меѓу Истокот и Западот“ и дека „режимот во Киев е инвестиција на Вашингтон во неговите себични интереси за задржување на Русија и решавање на сопствените проблеми на сметка на други, вклучително и елиминирање на економските конкуренти, пред сѐ во лицето на Европската Унија“.
После строгото и остро обраќање, Лавров беше нешто порасположен на средбата со сѐ уште актуелниот и идниот претседавач на ОБСЕ, македонскиот министер за надворешни работи, Бујар Османи и неговиот колега од Малта, Иан Борг. На средбата, Лавров со насмевка на лицето со своите соговорници констатирале дека Малта е вистинското решение за да се избегне криза во дејствувањето на организацијата откако Русија гласаше против, Естонија да биде идниот претседавач со ОБСЕ.
Од Руската делегација за утре наутро најавија и прес конференција на шефот на дипломатијата на Русија, Сергеј Лавров.
Поради присуството на Лавров, учеството на највисоко државно ниво го откажаа Украина и балтичките земји, а Полска челосно го бојкотираше состанокот. Дел од оние што беа присутни пак, ја напуштија средбата за време на обраќањето на шефот на руската дипломатија.
Искра Опетческа