четврток, 6 февруари 2025

Објавени огласи за избор на 47 нови јавни обвинители и 50 судии

Советот на јавни обвинители објави оглас за избор на вкупно 47 јавно обвинителски места низ повеќе Основни јавни обвинителства на територија на целата држава. Во исто време и Судскиот совет донесе одлука за распишување оглас за избор на 50 судии во различни судови во Македонија.

Објавено на

часот

Сподели

На огласите се очекува да се пријават кандидатите од осмата генерација на Академијата на судии и јавни обвинители, на кои вчера им беа доделени уверенија за успешно помината почетна обука.

Претседателката на Советот на ЈО Душица Димитриеска, појасни дека се објавува оглас за избор на 14 јавни обвинители во ОЈО Скопје, четири во ОЈО Тетово, по три во ОЈО Куманово, Охрид, Прилеп и Штип, по две во ОЈО Гевгелија, Битола, Гостивар, Кичево и Струмица и по едно во ОЈО во Крива Паланка, Велес, Ресен, Струга, Радовиш, Делчево и во Кочани.

„Алармантна е состојбата, моментално недостигаат околу 100 јавни обвинители, така што оваа бројка од 47, секако ако се јават, би ја ублажила состојбата во одредена мера“, изјави Димитриеска.

Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, претходно во изјава за медиуми, посочи дека најмалку во наредните три години нема да биде избран ниту еден нов јавен обвинител, со оглед дека деветтата генерација ќе треба да помине обука од 20 месеци.

Советот на денешната седница објави оглас за избор и на двајца јавни обвинители во ОЈО ГОКК.

Во исто време и Судскиот совет донесе одлука за распишување оглас за избор на 50 судии во различни судови во Македонија.

Ќе се избираат по шест судии во Основниот граѓански суд Скопје и Основниот кривичен суд Скопје шест, пет во Гостивар, по четири во основните судови во Прилеп, Битола, Куманово и Тетово, тројца во Штип, по двајца во Струмица, Гевгелија, Охрид, по еден во Велес, Кавадарци, Струга, Струмица, Крива Паланка, Свети Николе, Кочани, Кичево, Делчево.

Членот на Судскиот совет, Весна Дамева изрази задоволство што ќе се зголеми бројот на судии кои ќе дадат придонес во оваа тешка состојба за судството.

„Знам и убедена сум дека квалитетно ќе ја извршуваат функцијата и ќе дадат придонес за побрза и поефикасна правда, што граѓаните ја очекуваат“, рече Дамева.

Таа изрази надеж дека наскоро ќе биде објавен и нов оглас.

Членот на Советот, Данка Ристова рече дека анализата во рамките на судовите на Апелационен суд Штип, покажала алармантна состојба со број на предмети по судија. Имало мали судови каде по судија имало и по повеќе од  1.200 предмети.- А тоа многу влијае на квалитетот на работа и на тоа колку можат граѓаните да дојдат до услугите што треба судот да ги овозможи, достапност до правдата, подвлече Ристова.

Предлогот беше усвоен со 12 гласа за.

Согласно на законот,  комисија ќе врши  рангирање на кандидатите, со интервју и бодирање.

Академијата за судии и јавни обвинители Павел Шатев вчера ги додели уверенијата на кандидатите за судии и јавни обвинители од осмата генерација во почетната обука на Академијата. Како што информираше директорката на Академијата, Ирина Трајкоска Стрезоски, уверенија добија вкупно 97 кандидати, од кои 50 се судии, а 47 јавни обвинители.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ