сабота, 27 јули 2024

Њузвик: Москва загуби цела генерација офицери

Објавено на

часот

Сподели

Американското списание Њузвик наведува, повикувајќи се на украински воени извори, дека загубите во редовите на руската војска од почетокот на руската инвазија на Украина надминале 200.000 жртви вкупно, вклучително мртви и ранети војници.

Списанието наведува дека дневните податоци што ги објавува Генералштабот на вооружените сили на Украина за загубите на руски војници и опрема покажуваат дека Москва само во последните 24 часа загубила 610 војници.

Списанието го цитира Павел Лузин, рускиот политички аналитичар и вонреден истражувач на Факултетот за право и дипломатија Флечер, кој кажа дека загубите на руската војска се големи и дека ја нарушиле кохезијата и организацијата на руските сили.

Лузин вели дека руските загуби не се однесуваат само на војниците туку дека Москва загубила и многу офицери на боиштата во Украина.

„Русија загуби генерација офицери, особено офицери од понизок ранг како што се поручниците и капетаните. Таа (руската војска) ги загуби најпрофесионалните единици, а повеќето од нив се загубени во првите шест месеци од војната“, додаде тој.

‘Топовско месо’

Според извештајот на списанието, процените за загубите на руската војска од почетокот на војната во Украина се мошне различни зашто процените на Киев често се поголеми во однос на тие на неговите западни сојузници. Меѓутоа, политичките аналитичари се согласуваат дека загубите на руската војска сѐ повеќе влијаат на нејзината способност да се бори на боиштата.

Њузвик цитира неименуван аналитичар што рекол дека Русија користи лошо обучени регрути, главно со неруско етничко потекло, како „топовско месо“ во војната.

Весникот напомнува дека Русија ретко ги објавува бројките за загубите на своите сили во војната, но бројките што ги објавува се многу помали од тие што ги објавува Украина.

Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу изјави во септември 2022 година дека 5.937 руски војници се убиени за време на судирите во Украина откако избувна војната на 24 февруари 2022 година.

Од друга страна, Њузвик наведува дека процените на западните сојузници на Украина укажуваат на загуби што се многу помали од тие што ги кажува Киев во врска со загубите на руската војска и поголеми од тие што ги наведува Москва. Во почетокот на мај Американскиот совет за национална безбедност соопшти дека Русија само од декември имала 100 илјади жртви, од кои 20 илјади се загинати.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ