Според нивните откритија, истите нервни клетки во нашиот мозок кои прават да се чувствуваме сити по оброкот, исто така, предизвикуваат желба за слатки, пренесува Њу сајантист.
Во студијата, научниците предводени од Хенинг Фенселау го испитувале одговорот на глувците на шеќер, откривајќи дека глувците јаделе слатко дури и кога биле целосно сити.
Скенирањето на мозокот покажа дека одредена група на нервни клетки е одговорна за ова, пишува тимот во списанието Сајенс. Овие таканаречени ПОМС неврони стануваат активни веднаш штом телото ја апсорбира храната.
Кога глувците се сити и јадат слатки, овие нервни клетки не само што ослободуваат супстанции кои сигнализираат ситост, туку и опијат кој природно се произведува во телото, бета-ендорфин.
Според студијата, ова предизвикува чувство на награда што ги тера животните да јадат уште повеќе шеќер. Механизмот бил активиран во експерименти кога животните само го гледале шеќерот, но не го јаделе.
Скенирањето на мозокот покажа дека истиот регион на мозокот кај луѓето реагира на шеќер. Како и кај глувците, многу рецептори за опијати се наоѓаат во близина на неврони одговорни за чувството на ситост.
„Од еволутивна гледна точка, ова има смисла: шеќерот е редок во природата, но дава брза енергија“, вели водачот на студијата Фенселау. Мозокот е програмиран да го стимулира внесувањето на шеќер кога ќе биде достапен, рече тој.
Резултатите може да бидат значајни за лекување на дебелината. Иако веќе постојат лекови кои ги блокираат рецепторите за опијати во мозокот, губењето на тежината што се постигнува со нив е помало отколку со инјекции за потиснување на апетитот.
Фенселау вели дека комбинацијата на различни терапии може да биде корисна, но предупредува: „Сè уште треба да го истражиме ова дополнително“.