сабота, 22 февруари 2025

Новинарка на Фокс објави дека е договорен „план од три фази за Украина“, Рубио и Лавров велат „лага е“

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска изјави дека не знае за објавениот мировен предлог на САД за Украина, кој наводно содржи согласност за прекин на огнот, одржување избори и потпишување конечен мировен договор, пренесе Москва тајмс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Таканаречениот „мировен план во три фази“, наводно, бил предложен и од Соединетите Држави и од Русија, објави дописничката на Белата куќа на Фокс њуз, Џаки Хајнрих, за време на американско-руските разговори во Саудиска Арабија, цитирајќи неименувани странски дипломатски извори.

„Предлогот за мир во три фази меѓу САД и Русија ќе доведе до нови избори во Украина“, напиша Хајнрих на социјалната мрежа Икс.

„Повеќе странски дипломатски извори изјавија за Фокс дека САД и Русија сметаат дека одржувањето нови избори во Украина е клучен услов за успехот на процесот за решавање на конфликтот. Оваа информација сигурно ќе предизвика контроверзии, имајќи предвид дека Русија не одржува реални избори, додека Украинците ја отфрлаат можноста за поставување проруски, марионетски претседател“, напиша таа.

Според Хајнрих, Украина тврди дека рускиот претседател Владимир Путин верува дека на новите избори би победил некој промосковски „марионетски“ кандидат и би се согласил на отстапки што ќе бидат во прилог на Русија.

Таа го цитираше украинскиот запис што наводно бил споделен со дипломатски извори, според кој и Путин и американскиот претседател Доналд Трамп ги гледаат шансите на украинскиот претседател Володимир Зеленски за реизбор како „мали“.

Москва постојано го оспорува легитимитетот на Зеленски како претседател, тврдејќи дека неговиот мандат истекол минатата пролет, кога изборите беа одложени поради воената состојба.

Сепак, Хајнрих подоцна објави дека изворот од САД го изменил првичното тврдење, појаснувајќи дека фазата со избори само „била неформално спомената“ и дека може да стане „дел од некои идни разговори, но не денес“. Белата куќа допрва треба да коментира, но се очекува наскоро да се искаже за информациите, додаде таа.

„Не ги видов овие информации, не ги видов овие вести“, им рече Лавров на новинарите на прашањето за наводниот предлог по речиси петчасовните разговори на руската делегација со американските преговарачи во Ријад.

Лавров рече дека се распрашувал и за претходните информации дека американскиот претставник за Украина, Кит Келог, споделил „невообичаени“ планови за Украина со европските сојузници. Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски претходно сугерираше дека тајните планови и преговарачките тактики на САД „раѓаат некаква надеж“.

„Ги прашав (американскиот државен секретар Марко) Рубио и (советникот за национална безбедност на Белата куќа Мајк) Валц што значи ова – ми рекоа дека е лажно“, рече Лавров.

Денеска највисоките руски и американски функционери ги одржаа своите први директни разговори по инвазијата на Москва во февруари 2022 година, при што делегатите од двете страни изразија позитивен тон, минимизирајќи ги шансите за директен напредок во мировните преговори за Украина.

Зеленски го критикуваше состанокот во Саудиска Арабија затоа што не вклучил претставници од Украина и повика на „фер“ разговори во кои ќе бидат вклучени Киев и европските земји.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ