сабота, 27 јули 2024
Во интервју за Њу стејтсмен

Ноам Чомски: Русија се бори похумано од САД во Ирак

Објавено на

часот

Сподели

На 94 години, Ноам Чомски е гласен како и секогаш. Во мај американскиот политички коментатор и лингвист ќе ја објави својата најнова книга „Нелегитимна власт“, збирка интервјуа со политикологот Си Џеј Полихрониу, кои пред сѐ се фокусираат на надворешната политика. Интервјуата се протегаат во периодот од март 2021 година до јуни 2022 година, опфаќајќи ја особено увертирата и првите месеци од руската инвазија на Украина.

Кога разговарав со Чомски преку видеоповик од неговиот дом во Аризона, вели Идо Вок за британското списание Њу стејтсмен, поголем дел од времето го поминавме разговарајќи за војната во Украина. Конфликтот означува време на големи превирања во меѓународниот поредок, за кои може да се помисли дека ќе бидат тест за убедувањата на Чомски, чиј критички поглед кон надворешната политика на САД доби меѓународно значење за време на Виетнамската војна. Неговиот есеј „Одговорноста на интелектуалците“ од 1967 година, објавен во Њујорк ривју оф букс, ја стави американската интелектуална класа на столбот на срамот затоа што помогна да се прифатат акциите на нивната влада во странство и злосторствата извршени во Виетнам. Меѓутоа, војната во Украина е многу поинаков конфликт. Овој пат, САД поддржуваат суверена земја, која е нападната од надворешен агресор. Чомски, исто така, има семејна врска со регионот: неговиот татко е роден во денешна Украина, пред да емигрира во САД во 1913 година.

Сепак, светогледот на Чомски не остава простор за застапување за Украина. „САД и Британија“ се тие што ги „одбија“ мировните преговори во Украина, ми вели Чомски, со цел да ги развијат сопствените национални интереси, иако земјата е „напаѓана, разорена“. Не прифаќа дека преговорите со Русија би значеле де факто препуштање на милиони Украинци на каприците на еден агресор што се покажал способен за извонредна бруталност, како во Буча и Изјум. „Украина не е слободен актер; тие зависат од она што го одредуваат САД“, вели тој, додавајќи дека САД го снабдуваат Киев со оружје само за да ја ослабат Русија. „За САД ова е зделка. За парче од колосалниот воен буџет, САД се во состојба сериозно да ги деградираат воените сили на својот единствен вистински воен противник“.

Според Чомски, Русија дејствува воздржано и умерено. Тој го споредува рускиот начин на борба со американскиот за време на инвазијата на Ирак во 2003 година, тврдејќи дека „во Украина не се случило“ уништување на инфраструктурата со толкав обем како во ирачкиот конфликт. Тој додава: „Несомнено Русија може да го направи тоа, веројатно со конвенционално оружје. (Русија) би можела да го направи Киев ненаселив како што беше Багдад, би можела да тргне во напад на линиите за снабдување во западна Украина“.

Кога го прашав да разјасни дали сака да каже дека Русија се бори похумано во Украина отколку САД во Ирак, Чомски одговори: „Не сакам да кажам, тоа е очигледно“. Делегациите на инспекторите на ОН мораа да се повлечат штом почна инвазијата на Ирак, вели тој, „затоа што нападот беше толку жесток и екстремен… Тоа е американскиот и британскиот стил на војна“. Чомски додава: „Погледнете ги жртвите. Јас ги знам само официјалните бројки… официјалните бројки на ОН се околу 8.000 цивилни жртви (во Украина). Колку цивилни жртви имаше кога САД и Британија го нападнаа Ирак?“

Бројот на странските достоинственици што отпатуваа во Киев по избувнувањето на војната е доказ за воздржаноста на Русија, вели Чомски, во чиста спротивност со Ирак. „Кога САД и Британија го демолираа Багдад, дали некој странски лидер отиде да го посети Багдад? Не, затоа што кога САД и Британија одат во војна, напаѓаат право во грло. Уништуваат сè: комуникациите, транспортот, енергијата, шок и трепет – сѐ што го прави општеството функционално“.

Проценките за загинатите цивили од инвазијата на Ирак се многу различни. Процената на проектот „Број на трупови во Ирак“ (Iraq Body Count, IBC), која се смета за една од најсеопфатните бази на податоци за мртвите за време на војната во Ирак, вели дека вкупниот број на цивилните жртви е меѓу 186.000 и 210.000 во 20-те години од инвазијата во 2003 година, за што се вели дека најверојатно е премалку. Речиси 25.000 од тие загинати директно ѝ се припишуваат на коалицијата предводена од САД и нејзините ирачки сојузници. Според ИБЦ, уште десетици илјади им се припишуваат на антивладините бунтовници, меѓу кои и на Исламска држава. За повеќе од 100.000 загинати цивили не се знае конкретно кој ги убил.

Канцеларијата на Високиот комесаријат за човекови права на ОН забележа 8.490 убиени цивили и 14.244 повредени во Украина од почетокот на руската инвазија пред 14 месеци. Сепак, „се верува дека вистинските бројки се значително повисоки“ поради слабите податоци од областите со големи цивилни жртви, како што е градот Мариупол на југ. Украинските власти веруваат дека десетици илјади – можеби и до 50.000 луѓе – загинале само во Мариупол за време на руската опсада на градот во 2022 година.

Понекогаш, идеолошките приоритети на Чомски го наведуваат да ги занемари фактите што би можеле да му противречат на неговиот наратив, вели Вок. На пример, Шведска и Финска, кои не припаѓаа на ниеден блок 210 и 73 години (по тој редослед), во мај 2022 година аплицираа за приклучување кон НАТО. За повеќето набљудувачи, крајот на нивната децениска неутралност може да изгледа барем индиректно поврзан со инвазијата на Украина три месеци претходно. Сепак, Чомски вели дека желбата на двете земји да му се приклучат на НАТО „немаат никаква врска со стравот од руски напад, кој никогаш не бил ни замислуван“. Тврдењата дека Русија би можела да ѝ се закани на која било земја е „западна пропаганда“, додава тој. Наместо тоа, Чомски тврди дека пристапувањето во НАТО им дава на воените индустрии на двете нордиски земји „големи нови пазарни можности (и) нов пристап до напредната опрема“.

Всушност, двете земји експлицитно ја наведоа инвазијата на Украина како причина за своите барања за приклучување кон НАТО. Покрај тоа, свеж е споменот на тоа дека Финска се спротивстави на советските обиди да ја освои и анектира земјата. Зимската војна од 1939-1940 година против СССР сè уште ги обликува финските ставови кон Русија. Финска му се приклучи на НАТО на 4 април, додека апликацијата на Шведска продолжува да се блокира поради приговорите на Турција.

Запрашан каква форма може да има потенцијалното решение за војната во Украина, Чомски вели: „Прво, Украина нема да биде членка на НАТО. Тоа е црвената линија на која инсистира секој руски лидер уште од (поранешниот руски претседател Борис) Јелцин и (поранешниот советски претседател Михаил) Горбачов. Тој додава: „Украина добива статус на, да речеме, Австрија за време на Студената војна или Мексико денес. Мексико не може да му се приклучи на воен сојуз (непријателски кон САД). Нема договор за тоа, но тоа е совршено јасно“.

Мировниот договор би содржел на Украина да ѝ се понуди „извесен степен на автономија“ на источниот регион Донбас, денес делумно окупиран од Русија. „Во однос на Крим (кој беше незаконски анектиран во 2014 година)… за момент го оставаме настрана. Нека се дискутира подоцна. Тоа се основните контури на решението според договорот Минск II“. Договорите Минск I и II беа потпишани меѓу Украина и Русија во 2014 и 2015 година. Со намера да му се стави крај на конфликтот што почна во 2014 година, тие вклучуваа воени и политички чекори што никогаш не беа спроведени од Москва. Во Украина денес нашироко се смета дека тие договори го отвориле патот за инвазијата на Русија во февруари 2022 година. „Нема да има Минск III“, како што кратко рече украинскиот претседател Володимир Зеленски минатиот ноември.

Критиките на Чомски за надворешната политика на САД не се ограничени само на Украина. Како што Вашингтон ја испровоцира Русија со проширувањето на НАТО, исто така „отворено ја провоцира Кина“ поради Тајван, вели тој. „САД спроведуваат програма… да ја опколат Кина со прстен од држави-стражари вооружени со напредно прецизно оружје насочено кон Кина“, очигледно алудирајќи на американската одбранбена соработка со земји како Јапонија, Јужна Кореја и Австралија.

„Која е заканата од Кина во овој момент?“, прашува Чомски. „Заканата доаѓа од САД, се разбира, со Велика Британија зад нив. (Велика Британија) во овој момент е само лакеј. Таа повеќе не е независна земја“. Иако признава дека Кина „не е фина земја“ и дека го прекршува меѓународното право во Јужно Кинеско Море, тој вели дека „разговорите за (војната за) Тајван доаѓаат од Запад“. Пекинг, кој го гледа Тајван како своја територија, не ја отфрли можноста за инвазија и редовно спроведува воени вежби што симулираат блокада на самоуправниот остров.

Размислувајќи за нашиот разговор, наидов на пасус во есеј од книгата на Чомски од 1970 година „Во војна со Азија“. „Сѐ додека американската окупациска армија останува во Виетнам, војната ќе продолжи“, напиша тој. „Повлекувањето на американските трупи мора да биде унилатерален чин, бидејќи и самата инвазија на Виетнам од страна на американската влада беше унилатерален чин. Оние што повикуваа на ‘преговори веднаш’ се залажуваа себеси и другите“. Овие зборови ми се чини дека повеќе важат за војната во Украина од сето она што Ноам Чомски го кажа за време на нашиот разговор 53 години подоцна.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ