понеделник, 3 февруари 2025

Њујорк тајмс: Српските државни медиуми „менуваат лента“ во известувањето за студентските протести, тестирајќи го Вучиќ

Државната телевизија досега главно ги игнорираше демонстрациите против претседателот Александар Вучиќ, но сега ги сврте рефлекторите кон протестите, вели Њујорк тајмс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Кога десетици илјади демонстранти овој викенд блокираа три клучни моста на реката Дунав во Нови Сад, парализирајќи го вториот по големина град во Србија, владејачката партија упати остро предупредување – не до студентите и граѓаните, туку до јавниот сервис што известува за нив.

„Откако во голема мера ги игнорираше тримесечните улични демонстрации предводени од студентите низ целата земја, Радио-телевизија Србија, која долго беше пропаганден мегафон на претседателот Александар Вучиќ, наеднаш ја смени плочата и ги стави протестите во Нови Сад меѓу првите вести“, опишува Њујорк тајмс.

Што е уште полошо, барем за владејачката партија, таа известуваше фактички, без да ги осуди демонстрантите како платеници на разузнавачки служби или опозициски марионети, како што правеше во минатото, додава американскиот медиум.

Српската напредна партија на претседателот Вучиќ доцна во саботата во необична изјава се пожали на „скандалозното известување“ на телевизијата, наведувајќи дека „грубо ја злоупотребила новинарската професија, застанувајќи на страната на политичарите што сакаат да го уништат уставниот поредок на Република Србија“.

Контролата на медиумите беше централен столб на српскиот систем за време на Вучиќ, што му овозможи да издржи повеќе рунди протести со демонизирање и дискредитирање на демонстрантите и да ја задржи цврстата контрола над власта повеќе од 12 години, проценува Њујорк тајмс.

Фото: ЕПА

Меѓутоа, многумина сега се прашуваат дали неговата контрола врз медиумите слабее, а со тоа можеби и сè поавторитарното владеење на претседателот.

„Ова е мала, но веројатно револуционерна промена“, вели Јасмина Пауновиќ, државна обвинителка со долгогодишно искуство.

Таа додаде дека долгогодишните ројалисти се колебаат низ целиот систем, додека се „ослободуваат од стравот“ од губење на државните работни места или соочување со дисциплинските мерки.

Таа рече дека многу судии и обвинители што ги познава, иако работно сите зависат од државата, сега ги поддржуваат студентите, барем приватно.

Адвокатската комора на Србија во неделата гласаше да ја прекине работата на адвокатите на еден месец, во знак на солидарност со студентите, кои ги забарикадираа кампусите низ целата земја.

Викендов протестите во Нови Сад, одржани три месеци по уривањето на настрешницата и загинувањето на 15 лица, привлекоа не само студенти од локалните универзитети и од Белград, туку и толпи постари луѓе, гневни на, како што велат, системот проткаен со корупција.

Уривањето на бетонската настрешница на 1 ноември, закачена над влезот на Железничката станица, ги смачка луѓето под неа и предизвика протестно движење поттикнато од верувањето дека негрижата на функционерите и корупцијата се одговорни за трагедијата.

Станицата беше реновирана од конзорциум на кинески државни компании, а работата на настрешницата ја вршеа приватни српски изведувачи избрани од властите.

Неодамнешните протести претставуваат најголем излив на незадоволство од уличните демонстрации од крајот на 1990-тите против Слободан Милошевиќ, пишува Њујорк тајмс.

Светлана Бистровиќ (43), медицинска сестра и мајка на две деца, рече дека решила да ги бодри студентите што во саботата го блокираа главниот железнички и патен мост во Нови Сад, откако во петокот вечерта го видела појавувањето на српската тениска ѕвезда Новак Ѓоковиќ на кошаркарски натпревар во маица со натпис „Students are champions“ (Студентите се шампиони).

 

View on Threads

 

Бистровиќ мавташе со знак, украсен со протестни пароли и со пластичен тениски рекет.

Фактот дека Ѓоковиќ, чие семејство во минатото отворено го поддржуваше претседателот Вучиќ, застана на страната на демонстрантите, вели таа, покажува дека „доаѓаат промени во оваа земја“, додава американскиот медиум.

Но Александар Вучиќ не покажува знаци на откажување, пишува Њујорк тајмс.

Минатата недела тој го разреши својот премиер Милош Вучевиќ, лојален сојузник, поранешен градоначалник на Нови Сад и претседател на владејачката партија, позната како СНС, оставајќи ја земјата без влада.

Вучиќ, уверен дека неговата партија може да ги победи поделените опозициски партии на какви било нови избори, со оглед на нееднаквиот изборен терен, оттогаш вети дека ќе започне офанзива против неговите политички противници и ќе распише општи избори доколку парламентот не ја одобри новата влада по негов вкус.

„Нема никому да му ја дадам оваа земја на тацна. Ќе се борам, ќе се борам, ќе се борам“, им рече тој на приврзаниците во саботата.

Небојша Владисављевиќ, професор на Факултетот за политички науки на Универзитетот во Белград, ја опиша Србија како „спин-диктатура“, која, како и другите посткомунистички влади во соседна Унгарија и на други места, е „помалку репресивна, но многу поманипулативна“.

Тој рече дека ненадејната промена во пораките на државната телевизија РТС е „само дел од играта што „покажува дека има малку фер-медиумско известување“.

Дури и без државната телевизија и радио што се цврсто на страната на претседателот, додаде тој, Вучиќ сè уште контролира батерија од моќни медиумски оружја, како што е приватната телевизија Пинк, која останува цврсто лојална.

И низа жестоки таблоиди не покажуваат знаци на колебање во својата поддршка за претседателот, според Њујорк тајмс.

Сѐ поголемите протести, како оние во Нови Сад за време на викендот, се поттикнати од верувањето дека негрижата на властите и корупцијата се одговорни за трагедијата на железничката станица во ноември.

Фото: ЕПА

Таблоидите како Информер, особено жесток напаѓач во корист на владата, ги опишаа студентските активисти како предавници што ѝ служат на соседна Хрватска, главниот непријател на Србија за време на војните од раните 1990-ти за урнатините на Југославија, пишува американскиот медиум.

Мила Пајиќ, студентка на Универзитетот во Нови Сад, која е активна во организирањето на протестите, рече дека медиумите ориентирани кон владата ја прикажуваат како „ментално нестабилна“.

Таа е демонизирана како „антисрпска“, а Информер објави видео на кое таа се расправа со своето момче, тврдејќи дека парот се расправал за тајно финансирање од странство. Ја обвинија дека е „во дослух со Хрватска“.

Приказната во таблоидите, рече таа, е „целосно измислена“ и претворила една „обична расправија меѓу двајца 20-годишници во национален скандал“.

Таа рече дека промената на државната телевизија кон посочувствително покривање на протестите „не е голем чекор напред, туку мал чекор во вистинската насока“.

Владисављевиќ, белградски политиколог, ја протолкува осудата на владејачката партија од новинарите на РТС поради нивното неутрално известување за настаните во Нови Сад како „превентивен потег да се држат во редот“ и како порака до партиската изразено рурална база дека „реално ништо не се сменило”.

„Тие се загрижени дека медиумите може да се свртат против нив. Тие се грижат за армијата, за обвинителите, за сите. Но ние сè уште не сме на пресвртницата“, оцени тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ