Николовски во интервјуто говори и за спроведувањето на мерките за енергетска ефикасност (ЕЕ) и степенот на искористување на обновливите извори на енергија (ОИЕ).
Господине Николовски на дневниот ред на 140. седница на Собранието се ставени четири предлог-закони од областа на енергетиката. Дали според Вас е соодветно да се носат по скратена постапка четири закони за стратешки инвестициски проекти вредни 786 милиони евра во време на техничка Влада и непосредно пред распуштање на Собранието заради одржување на претседателски и парламентарни избори?
– Сите енергетски стратешки проекти што ќе обезбедат сигурна испорака на енергенси и пониски сметки треба да бидат ставени на брза трака за да стартува реализацијата, несомнено, посебно кога има бенефит за граѓаните и тука дилема немам. Факт е дека собраниските процедури овозможуваат дебата, која што, за жал, во предизборен период е злоупотребена со предизборен наратив наместо со аргументирана дискусија. Енергетиката не знае за политика, познава само стратегија. Не за џабе се вели енергетска безбедност. Навистина ми е жал што живееме во време во кое наместо опозицијата да се надмине и да покаже еден државнички конструктивен пристап во дискусија, и еве не мора да пофали дека во време на енергетска криза цените останаа стабилни, сметките беа субвенционирани и до 90 проценти и се овозможи и дневна евтина тарифа, ама барем да не се расфрлаат со националистички лажен патриотизам, туку со визионерска стратешка дискусија. Видете, не би сакал да вулгаризирам – штета што во ниедна постапка не влезе „Рајската градина“ на ЕСМ, па малку пошироко јавно да се дискутира за овој пристап на опозицијата кон нивните енергетски проекти или кон проектите како Скопје 2014.
Дали со евентуалното изгласување на овие четири предлог-закони ќе се загрози или ќе се подобри енергетската независност на земјава, бидејќи Здружението на инженери на Република Македонија (ИНРМ) достави допис до пратениците со кој бараат да не даваат поддршка на четирите, како што велат, штетни предлог закони?
-Дали ние зборуваме за фејсбук здружението во кое се споделуваат постови од опозицијата? Видете, единствен начин за борба со дезинформациите се информациите. Факти, проверени од кого доаѓаат и како се интерпретираат. Не се бираат средства очигледно. Интересни се овие експертски мислења што искрено ми наликуваат на одличен предизборен додворувачки наратив, па се употребува колонизација, окупација, ропство. Дел од нив пред секоја одлука за цена на струја или парно се со апокалиптични предвидувања, па се контаминира цела јавност дека ќе има раст на цените за 70 отсто, дека ќе има рестрикции и потоа следуваа одлуките од РКЕ, намалување, дневна евтина тарифа, па на тоа ќе излезат ќе речат диктат е. Секако, што и да се направи за оваа фејсбук група не чини. Но, енергетската политика не е фејсбук политика. Должни сме кон пензионерите, идните генерации, воопшто кон сите граѓаните на оваа држава да обезбедиме да имаат струја и парно во секое време по што пониски цени. Главно оружје со кое денес се „војува“ се енергенсите. Минатата зима цел свет, цела Европа се дигна на нозе, се правеше координирана офанзива за да се заштитат домаќинствата. Рестрикциите беа реална опција за дел од државите, но не и за Македонија затоа што направивме офанзива.
До каде е земјава во спроведувањето на мерки за енергетска ефикасност и во степенот на искористување на обновливите извори на енергија кои се дел од преземените обврски од Енергетската заедница?
-Владата за само три години во време на Ковид, енергетска криза има реализирано над 40 отсто од таргетот што треба да го достигнеме до 2040 година согласно Стратегијата за енергетика 2019-2040. Со тоа ја потврдуваме нашата одлика како народ – кога е најтешко, најдобри резултати испорачуваме. И ако ги редефинираме овие проценти во бенефит за граѓаните, тогаш можеме да кажеме дека со новите енергетски капацитети со инсталираниот капацитет што е во функција за помалку од две години може да снабдува околу 170 илјади домаќинства. Струја од обновливи избори на енергија. Не за џабе нѐ нарекоа ѕвезда во енергетска транзиција. Тоа не е прашање на политичка реторика, туку на реализирани цели од стратегија.
Дали во изминатава година подготвивте некои предлози за измени и дополнување на законски и подзаконски акти, технички прописи и стандарди и колку енергетски контроли спроведовте?
-Минатата година беше значајна за нас како институција затоа што се донесе Законот за изменување и допoлнување на Агенцијата за енергетика на Република Северна Македонија (АЕРСМ) со што се усогласивме со европската практика и имаме основа за да делуваме фокусирано од аспект на легислатива и со тоа следствено со активности.
Како се спроведуваат националните акциски планови за енергетска ефикасност и колку мислења дадовте за општинските програми за енергетска ефикасност во 2023 година?
-Општините се анемични кога станува збор за енергетска ефикасност. Мора градоначалниците да ги зајакнат капацитетите во овој сегмент затоа што енергетската ефикасност е единствен пат кон решението – пониски сметки за струја. Минатата година само пет општини имаат поднесено предлог програми за енергетска ефикасност (ЕЕ) на локалните самоуправи, и издадени се за сите позитивни мислења по програмите. Тоа се општините Илинден, Гази Баба, Битолa, Демир Капија, Свети Николе.
Дали доследно се спроведува упатството за примена на мерките за енергетска ефикасност во процесот на јавни набавки?
-Во завршна фаза е подготовката и одобрувањето на дел од правилниците од Законот за енергетска ефикасност и Законот за енергетика. Во согласност со Законот за енергетика, Агенцијата за енергетика и Бирото за јавни набавки, го подготвија Упатството за примена на мерките за енергетска ефикасност во процесот на јавни набавки, но со донесувањето на Законот за енергетска ефикасност предвидено е Министерството за економија да донесе Правилник со кој што се пропишуваат условите при набавка на услуги и работи со вредност повисока од 70.000 евра, како и за набавка или изнајмување на простории за сопствени потреби. Лицата од јавниот сектор треба да ги применуваат членовите од овој Правилник. Начинот на спроведување на набавката, условите како и контролата на спроведените набавки, ќе биде регулиран во овој Правилник.
Колку лица во изминатата 2023 година се обучени за енергетски контролори и од кои институции се обучени?
-Овластувањата за енергетски контролори се под надлежност на Министерството за економија. Агенцијата за енергетика издава решение за избор на правни лица за спроведување на обуки за енергетска ефикасност за контролори и обуки за усовршување на енергетска ефикасност. На страната на Министерството за економија, кое што е задолжено за издавање на Овластувањата за енергетски контролори, има објавено список со вкупно 145 овластени физички лица – енергетски контролори. Додека, пак, издадени лиценци на правни лица има вкупно 53.