Како што изјави Николоски, точно е дека се водат интензивни разговори и прашање на време е, на недели, а не на месеци, кога ќе се излезе со позитивни вести ако постои добра волја од страната на Бугарија.
„Идејата е да постигнеме договор со кој Скопје и Софија ќе се поврзат, а не да не се поврзат како што е сега, за жал. Договорот треба да содржи три сегменти, првиот е изградба на заеднички тунел што треба да ги поврзува двете држави. За жал, во претходниот проект тунелот завршуваше буквално на пола, на слепа улица или слепа пруга, вториот дел е јасна обврска да преземе Софија да го изгради делот од границата со Македонија до Ѓуешево, како и да го реконструира делот од Ѓуешево до Софија за да има модерна пруга и од нивната страна и третата обврска е наша, да направиме ревизија на проектот што веќе правиме зашто е невозможно толку скапо да чини тој проект, за толку малку километри толку многу пари да се потрошат“, истакна Николоски по денешната посета на Железници транспорт.
Според него, четирите локомотиви од Србија се стигнати минатата година.
„Тоа беше одлична работа зашто им донесе приход на Македонски железници и со тој приход можевме да инвестиравме во ова што го промовираме денес, а постепено ќе користиме целосно домашни, македонски локомотиви“, нагласи министерот.
Како што изјави Николоски по денешната посета на Железници транспорт, моментно во земјава се активни пет возови за патнички сообраќај, пет локомотиви за товарен сообраќај и четири локомотиви кои се изнајмени.
„Од нула возови и локомотиви минатиот јули, сега имаме вкупно 14 на македонските пруги. Кога бевме избрани во јули лани Македонија немаше железница, немаше оперативни возови и локомотиви. По само шест месеци резултатите се гледаат. Депото низ кое прошетавме денеска во јули минатата година беше запуштено, во него не влегуваше никој, имаше темна слика, а денес вредни луѓе ги одржуваат и поправаат возовите. Споредено со четвриот квартал во 2023 година, четвртиот квартал во 2024 година во делот на товарот има зголемување за 75 проценти. Тоа е срцето на Македонски железници – транспорт зашто најголем дел од приходите доаѓат токму преку карго сообраќајот, а исто така во делот на патничкиот сообраќај, споредено, пак, трет квартал 2023 со трет квартал 2024 година, има зголемување за 36 отсто. Тоа се огромни бројки и огромни разлики“, рече Николоски.
Тој претходно најави дека денеска попладне, во 16:30, ќе тргне првиот воз од Скопје за Куманово.