За брзата пруга која ќе ги поврзе Белград и Солун низ Македонија, Николоски рече дека уште во 1978 година во тогашна Југославија постоел проект за изградба на брза пруга на таа траса по која возовите би возеле со брзина од дури 250 километри на час. Поради состојбите настаните по смртта на тогашниот претседател Јосип Броз Тито, проектот се изјалови, рече вицепремиерот и додаде дека трасата и сега е истата.
„Изградбата на брзата пруга на Коридoрот 10 е најголем приоритет за државата. Ќе ја почнам и ќе ја изградам. Овој проект е исклучително важен од економски апсект и ќе овозможи земјава да фати чекор со светот, наместо да остане слепо црево“, рече Николоски.
Тој рече дека не е против изградба на пруга кон Бугарија, но нагласи дека нема да се гради по траса која е неизводлива, прескапа и со обиди на корупција врз него и премиерот. На прашањето дали тој и премиерот го пријавиле обидот за нивно коруптирање, Николоски рече:
„Има ли поголемо пријавување од јавното кажување“?
Според него, брзата пруга Скопје – Солун ќе значи развој на државата во целина зашто покрај пругата, може да се градат потенцијално економски зони кои како поевтин транспорт би го користеле железничкиот.
„Имаме голем интерес да се изгради брзата пруга по Коридорот 10 со висока технологија. Проектот е исплатлив, би чинел поевтино од пругата кон Бугарија, некаде по километар меѓу 6 до 10 милиони евра, што значи ако Македонија има околу 215 километри пруга од Табановце до Гевгелија, тоа би значело некаде од 1,6 милијарди до 2,1 милијарда евра да се изгради пруга со две линии. Потенцирам, тоа ќе биде пруга со две линии. Проектов ќе го завршам и нема да биде изграден од руска, кинеска или индиска компанија“, истакна министерот Николоски.
Тој најави дека во текот на утрешниот ден на состанокот на министри на ЕУ во Будимпешта, ќе се сретне со министрите за транспорт од Грција, Србија Унгарија и Австрија каде, меѓу другото, фокус тема на разговорите ќе биде и изградба на брзата пруга на Коридор 10.
Во врска со уставните измени и односите со Бугарија, повтори дека не е чесно да се градат политички кариери со притисок за уништување на еден народ.
„Доколку сака, ЕУ може да го реши проблемот со нас и тоа да го стори за едно претпладне или попладне, многу посилни држави од нас ги клекнале на колена. Што правиме со 14-те пресуди од Стразбур што се однесуваат на македонското малцинство, а Бугарија не сака да ги имплементира? Спремна ли е Софија да не ја блокира Македонија во тек на преговорите? Ако е така треба да се согласат за уставните измени со одложено дејство. Што им менува на Бугарите дали сега ќе влезат во Уставот или за неколку години? Не може Украина да стане дел од ЕУ од никаде, а земји од Западен Балкан што чекаат и исполнуваат услови, да не можат. Не покажаа минимум пристојност со не-истакнувањето на државното знаме. Сегашната официјална позиција на Бугарија е далеку од реалноста. Бугарскиот и македонскиот народ се многу блиски, не е чесно да се градат политички кариери со притисок за уништување на еден народ, со уништување на една држава“, рече Николоски.