На Собранието, тој ја презентираше владината програма за развој на инфраструктуртата во делот на патната и железничката мрежа. Истакна дека Владата засилено работи на изградба и модернизација на двата паневропски коридори 8 и 10 како и на кракот 10 д.
„Само во јануари ставивме во функција 42 км експресни патишта, a очекувам во периодот што следи да ставиме во функција уште најмалку 10 км експресни патишта и 40 км автопат. Исто така очекувам оваа година да отвориме фронт за работа за уште 67 километри автопат. Во месец февруари ќе почнеме со изградба и на автопатот Тетово – Гостивар. На целиот западен дел од коридорот 8 ќе се работи. Во делот на коридор 10 д, ставивме во фунција еден дел од експресниот пат Прилеп – Градско, во следните два месеци очекуваме и вториот дел да го ставиме во функција. Минатата есен почнавме со изградба на автопат Прилеп – Битола, а оваа година очекувам да најдеме решение и за обиколницата за Битола”, истакна вицепремиерот Николоски.
Тој додаде дека се работи и на проектирање за експресен пат од Куманово до Страцин, а во делот на коридор 10 се работи на проектирање на нова патна врска од Гевгелија преку Струмица до границата со Бугарија.
„Во делот на коридор 10 работиме на изнаоѓање на финансиски средства за изградба на брза пруга по целиот коридор како дел од европскиот коридор 10 кој оди од Атина до Виена и за брзо време ќе споделиме добри информации за овој проект. Тоа би било решение за брза пруга до 200 км на час за патнички и 120 км на час за карго сообраќај. Со ова ќе ги отвориме јужните пристаништа кон Централна Европа”, истакна вицепремиерот Николоски.
Во своето обракање тој потенцира дека политиките во авиосообраќајот донеле нови 9 дестинации, а во однос на брзиот транспорт на граничните премини додаде:
„Веќе постигнавме договор со Грција за сериозно зголемување на граничниот премин Богородица до 12 ленти, исто така со Србија имаме интензивна комуникација да создадеме целосна функционалност со One stop shop, oчекувам до месец април со Косово да имаме One stop shop, а во однос на граничните премини Ќафасан и Деве Баир, интенизивно работиме на нивно проширување и модернизацијa“, рече Николоски.