Денеска на скопскиот аеродром слета првиот чартер лет на авиокомпанијата Фрибирд (Freebird Airlines) од Германија. На настанот присуствуваа и се обратија и Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија, Хорст Жифковиц, главен извршен директор на РСД Реисен и Зоран Љутков, министер за култура и туризам.
„Денеска му посакавме добредојде на првиот чартер лет на Фрибрд ерлајнс кој донесе 180 германски туристи од Дизелдорф и од Франкфурт. Ги пречекавме со дел од македонската култура, со македонски ајвар и со разгледници од знаменитостите на Скопје. Се надеваме дека сите 35.000 туристи кои се очекува да пристигнат оваа година од 13 различни дестинации од Германија, Франција и Велика Британија на Меѓународниот аеродром Скопје, ќе имаат убави сеќавања од нивното патување исполнето со гостопримство, културни доживувања и гастрономски уживања“, рече Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.
Како што потенцира вицепремиерот Николоски, ова е прв пат да се привлечат туристи од Европа надвор од главната сезона, што е одлична можност за развој на туризмот и локалната економија во државата.

„Македoнија прв пат гледа голем број на туристи надвор од главната сезона. Со заеднични напор на Владата, на тур-операторите и на ТАВ Македонија успеваме да привлекуваме туристи кои доѓаат надвор од главната летна и зимска сезона. Во периодот меѓу февруари и мај и периодот меѓу октомври и декември само оваа година ќе дојдат 35 илјади турусти, очекуваме тој број да расте во годините што доаѓаат. Тоа значи 35 илјади туристи кои што ќе ги полнат хотелите, кои ќе ги посетуваат убавите ресторани и кафетерии, ќе купуваат убави сувенири, ќе придонесуваат за локалната економија, ќе го пробаат македонското вино и храна и ќе ги пренесат убавите спомени од Македонија. Најмалку по еден авион дневно ќе слетува на скопскиот аеродром и некаде 180 до 200 луѓе ќе доаѓаат за да ги посетат знаменитостите во Македонија”, изјави вицепремиерот Николоски.
Тој исто така најави дека веќе од следниот месец ќе започнат да оперираат и првите летови кои владата преку Министерството за транспорт финансиски ги подржува.
„Започнуваат првите летови што се дел од новата владина програма за субвенционирање. Веќе имеме десет летови од скопскиот и охридскиот аеродорм и се надевам дека истите ќе растат. Можам да најавам дека Туркиш ерлајнс ќе започне веќе од 27 март, а исто така и Визер на линијата Базел –Охрид”, истакна вицепремиерот Николоски.
Тој додаде дека за најдоца за два месеци ќе се започне со реконструкција и на терминалната зграда на охридскиот аеродром.