„Илон Маск е неправедно обвинет“, напиша Нетанјаху на платформата Икс, чиј сопственик е Маск. „Илон е голем пријател на Израел. Тој го посети Израел по масакрот на 7 октомври, кога терористите на Хамас го извршија најлошото злосторство врз еврејскиот народ по холокаустот.
После тоа, тој повторно и силно го поддржуваше правото на Израел да се брани од геноцидни терористи и режими кои сакаат да ја уништат единствената еврејска држава“, додаде Нетанјаху, кој ја предводи израелската десничарска влада.
.@elonmusk is being falsely smeared.
Elon is a great friend of Israel. He visited Israel after the October 7 massacre in which Hamas terrorists committed the worst atrocity against the Jewish people since the Holocaust. He has since repeatedly and forcefully supported Israel’s… https://t.co/VkBptanDmp
— Benjamin Netanyahu – בנימין נתניהו (@netanyahu) January 23, 2025
Маск брзо му се заблагодари на израелскиот премиер за поддршката.
Извршниот директор на Тесла и Спејсекс во понеделникот предизвика жестока полемика кога ја подигна десната рака во воздух за време на митингот по инаугурацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.
Гестот наликуваше на римскиот поздрав, користен во првата половина на 20 век од европските фашисти, вклучително и нацистичкиот лидер Адолф Хитлер и италијанскиот диктатор Бенито Мусолини.
Гестот на Маск стана вирален, а критичарите од целиот свет го осудија човекот кој неодамна стана еден од најистакнатите советници на Трамп.
Милијардерот предизвика бес во ноември 2023 година, кога јавно ја изрази својата согласност со антисемитската објава на твитер во која се тврди дека еврејските заедници „промовираат токму онаква дијалектичка омраза против белите луѓе за која тврдат дека сакаат да не се користи против нив“.
Маск се соочи и со критики за наводно ширење на говор на омраза против различни малцински групи на платформата Икс откако ја купи социјалната мрежа во 2022 година.