понеделник, 3 февруари 2025

Нетанјаху доаѓа кај Трамп

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во понеделник треба да започне разговори за посредување во втората фаза од прекинот на огнот со Хамас, соопшти неговиот кабинет, додека тој е во посета на новата администрација на Трамп во Вашингтон.

Илустрација: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Пред заминувањето, Нетанјаху им рече на новинарите дека ќе разговара за „победата над Хамас“, за конфликтот со Иран и за ослободување на сите заложници на средбата со претседателот Доналд Трамп во вторник.

Тоа ќе биде прва средба на Трамп со странски лидер по враќањето во Белата куќа во јануари.

„Мислам дека тоа е доказ за силата на израелско-американскиот сојуз“, рече Нетанјаху пред да се качи на летот.

Израелскиот амбасадор во ОН Дени Данон му посака добредојде во главниот град на САД во неделата навечер. Данон рече дека средбата меѓу Трамп и Нетанјаху ќе го зајакне „длабокиот сојуз меѓу Израел и САД и ќе ја унапреди соработката“.

Трамп, кој ја презеде заслугата за договорот за прекин на огнот по 15 месеци војна, во неделата рече дека преговорите со Израел и другите земји на Блискиот Исток напредуваат.

„Биби (Бенјамин) Нетанјаху доаѓа во вторник и мислам дека имаме на распоред многу големи состаноци“, рече Трамп.

Кабинетот на Нетанјаху објави дека израелскиот премиер во понеделник ќе започне разговори со пратеникот на Трамп за Блискиот исток, Стив Виткоф, за условите од втората фаза од прекинот на огнот.

Индиректните преговори меѓу Израел и Хамас се очекува да продолжат оваа недела.

Првата, 42-дневна фаза од договорот завршува во март.

Следната фаза се очекува да вклучи ослободување на преостанатите затвореници и да иницира дискусии за траен крај на војната.

Трамп рече дека 15-месечните борби ја сведоа палестинската територија на „рушевини“ и повеќе пати го пофали планот за „чистење“ на Појасот Газа, повикувајќи ги Палестинците да се преселат во соседните земји како Египет или Јордан.

Катар, посредник во прекинот на огнот заедно со САД и Египет, во неделата ја истакна важноста да им се дозволи на Палестинците „да се вратат во своите домови и својата земја“.

„Ја истакнавме важноста на заедничките напори за интензивирање на протокот на хуманитарна помош и обнова на Појасот за да го направиме погоден за живеење и да го стабилизираме палестинскиот народ на својата земја“, рече катарскиот премиер Мохамед бин Абдулрахман бин Жасим Ал Тани по состанокот со турскиот министер за надворешни работи.

Се очекува дискусиите за прекин на огнот во Вашингтон да вклучат отстапки кои Нетанјаху ќе мора да ги прифати за да ги оживее напорите за нормализирање на односите со Саудиска Арабија.

Трамп верува дека „прво мора да го стабилизира регионот и да создаде антииранска коалиција со своите стратешки партнери“, вклучувајќи ги Израел и Саудиска Арабија, рече Дејвид Калфа, истражувач во фондацијата Жан Жор во Париз.

Но, Нетанјаху се соочува со силен притисок од својата влада да ја продолжи војната. Министерот за финансии Безалел Смотрич се заканува дека ќе поднесе оставка и ќе го остави премиерот без мнозинство.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ