сабота, 27 јули 2024

Несигурен свет: постојаната дебата за ракетниот штит

Објавено на

часот

Сподели

Невозможно е да се заборават огромните нуклеарни резерви од Студената војна. Сè додека тие постојат, другата страна нема вистински непријател освен нуклеарниот арсенал на противникот. Со оглед на околностите, нарушувањето на принципот што го исклучува првичниот удар ќе доведе до нагла дестабилизација, особено поради тоа што Соединетите Држави, по крајот на Студената војна, добија огромна воена надмоќ и покажаа дека се склони кон употреба на воена сила.

Токму поради ова ракетниот штит, како начин да се спречи возвратен удар, ќе остане на дневниот ред. Колку подолго се одложува сериозната дискусија за ова важно прашање, толку поакутен ќе стане проблемот и ќе се создаде поголема тензија. Сепак, тврдоглавата желба на администрацијата на Џорџ В. Буш да се постави трета позициона област на ракетниот штит на територијата на Полска и Чешка во голем дел ја оформи атмосферата на руско-американските односи до 2008 и, во голем дел, ја испровоцира војната во Кавказ.

Изјавите на Медведев очигледно служеа да ја однесат руската политичка агенда еден чекор понапред: јасно да се стави до знаење дека ракетниот штит нема да се случи; би било невозможно да се одмине или да се игнорира. Русија не е заинтересирана за бесцелни разговори. Разговорите за заедничката европска ракетна одбрана што почнаа по самитот Русија – НАТО во ноември минатата година, завршија без резултат. Сепак, самиот факт што овие бесплодни разговори воопшто се одржаа може да создаде впечаток на согласност по автоматизам. Поради тоа Кремљ смета дека е неопходно гласно да ги каже своите забелешки. Сака да потенцира дека секој следен потег ќе наиде на отпор и дека Русија нема да капитулира. Москва премногу добро знае што ќе се случи ако не го изрази јасно својот став. Соединетите Држави ќе продолжат со својот план, а кога имплементацијата ќе почне сериозно да ја загрижува Русија и кога Москва ќе почне да се буни, Вашингтон само ќе ги крене рамениците и ќе праша зошто Русија не кажала ништо порано.

Не треба да се каже дека сето ова е хипотетичко. Предвидувањата за американскиот ракетен штит, дури и во „релаксираната“ верзија, сè уште се нејасни. Технички проектот сè уште е далеку од готов и не е јасно како би се финансирал со оглед на растечките финансиски проблеми на Америка.

Од друга страна, мерките што ги предлага Медведев се состојат од дејства што Москва ќе ги преземе без оглед дали статусот на ракетниот штит е „планови“ или „празна закана“. Невозможно е да се замисли дека Русија би се повлекла од новиот договор СТАРТ, кој го иницираше и го промовираше со ентузијазам и кој беше потпишан и ратификуван со голема тешкотија. И што е уште поважно, Русија веќе ги почитува сите рестрикции на договорот и сега само работи САД да го сторат тоа. Навистина е чудно Москва на тој начин да се заканува, особено што не може да се замисли поголем подарок за републиканците во Конгресот на САД.

Сепак, муабетот тука не е за деталите, туку за основниот принцип, кој нема да го снема. Ракетниот штит ќе мора да биде дискутиран. Ништо нема да се случи до пролетта 2013: Америка ќе биде преокупирана со изборната сезона, во која таквите комплицирани и деликатни прашања нема да бидат ни чепкани од страв од контрапродуктивни резултати. Новата администрација во Вашингтон, без оглед дали Барак Обама ќе биде реизбран или пак власта ќе ја добие неговиот републикански ривал, многу прашања ќе формулира на нов начин. Прво, републиканците очигледно ќе ги воскреснат идеите на Буш: зошто би се согласувале со Русија за што било?

Дотогаш и во Русија може да се сменат многу работи. Никој не знае ништо за приоритетите и целите на новиот претседателски мандат на Владимир Путин.

Најверојатно, следната рунда дебати за ракетниот штит ќе бидат одлучувачки и може да предизвикаат опипливо назадување во билатералните односи. Русија (а можно е и Кина, која сега засега тивко ја следи битката, но не е ништо помалку заинтересирана за американскиот ракетен штит) напорно ќе работи во обидот да ги сопре САД. Во исто време, многу е тешко да се замисли дека САД би се откажале од својата ракетна одбрана – претпоставените придобивки од овој проект се длабоко всадени во нивниот политички менталитет. Во овој случај, Русија повторно ќе биде принудена да наоѓа нова линија на дејствување, сфаќајќи дека претходните обиди за стратегиска стабилност повеќе нема да функционираат.

 

<

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ