недела, 6 октомври 2024

Нема да се повлечам, престанете со драмата, им напиша Бајден на демократите во Конгресот

Во писмо до своите демократи во Конгресот, американскиот претседател Џо Бајден цврсто се спротивстави на повиците да ја повлече кандидатурата за втор мандат и повика на прекин на внатрепартиската драма што ги подели демократите по очајниот настап на претседателот во јавната дебата.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Напорите на Бајден да ја зацврсти мошне загрижената Демократска партија продолжија денеска кога членовите на Конгресот се вратија во Вашингтон по празниците и се соочија со изборот дали да работат на заживување на кампањата или да се обидат да го исклучат партискиот лидер во клучно време за реизборот на Бајден за втор мандат и нивната политичка иднина.

Во писмото од две страници Бајден напиша дека „прашањето како да се оди напред беше добро покриено во текот на викендот“ и дека „сега е време да му се стави крај на тоа“. Тој нагласи дека партијата има „една работа“, а тоа е во ноември да го порази очекуваниот претседателски кандидат на републиканците, Доналд Трамп.

„Имаме 42 дена до Демократската конвенција и 119 дена до општите избори“, рече Бајден во писмото што го дистрибуираше неговиот изборен штаб.

„Секое слабеење на решителноста или недостиг од јасност за задачата што ни претстои само му помага на Трамп, а нам ни штети. Време е да се здружиме, да тргнеме напред како обединета партија и да го поразиме Доналд Трамп“, пишува Бајден.

Вознемиреноста е голема бидејќи водечките демократски членови на Конгресот се придружуваат на повиците Бајден да се повлече и покрај неговото противење.

Во исто време, некои од оние што најцврсто го поддржуваат Бајден ја удвојуваат борбата за Бајденовата претседателска функција и инсистираат дека нема подобар од него за да се порази Трамп на изборите, кои многумина ги сметаат за најважните избори во еден животен век.

По писмото, Бајден даде телефонско интервју во утринската емисија на МСНБЦ, кога инсистираше дека „просечните демократи“ сакаат тој да остане во трката и рече дека е „фрустриран“ од повиците на партиските функционери да се повлече.

„Тоа се големи имиња, но не ми е гајле што мислат големите имиња“, рече Бајден, мислејќи на истакнатите членови на неговата партија што се за негово повлекување.

Тој ги предизвика своите критичари на борба и рече дека ако се сериозни, тогаш треба да објават дека сакаат да се кандидираат за претседател и да го предизвикаат на партиската конвенција, или ако не го сторат тоа, да го поддржат против Трамп.

Демократите поделени

Демократските гласачи се поделени околу тоа дали Бајден треба да остане личноста што демократите ја номинираат за претседател или треба да номинираат некого друг, според анкетата спроведена од Њујорк тајмс и Сиена колеџ.

Додека членовите на Конгресот премеруваат дали Бајден треба да оди или да остане, се чини дека нема лесни одговори.

Ова е мошне неизвесен момент за партијата на претседателот. Демократите што работеа заедно со Бајден со години, дури и децении, и го ценеа неговото животно дело околу политичките приоритети, сега размислуваат за непријатни прашања за неговата политичка иднина. И сето тоа се случува кога Бајден ќе биде домаќин на светските лидери на самитот на НАТО оваа недела во Вашингтон.

Времето не е на нивна страна, речиси еден месец од Националната конвенција на демократите и една недела пред републиканците да се соберат во Милвоки за повторно формално да го номинираат Трамп за свој претседателски кандидат.

Многу демократи велат дека фокусот не треба да биде ставен на Бајден, туку на кривичната пресуда на Трамп во случајот на прикривање пари платени на порноѕвезда, и додека тој ги чека федералните обвиненија за обидот да ги поништи изборите во 2020 година.

Додека Бајден пркосно вели дека ќе се повлече само ако самиот Господ Бог дојде кај него и му каже да го направи тоа, демократите во Долниот и Горниот дом на американскиот Конгрес сега одлучуваат колку жестоко сакаат да се борат за да го убедат претседателот да го смени курсот, или дали воопшто сакаат да го сменат курсот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ