„Досега сум изработила ранец и чанта од распарана волница од стар џемпер која, потоа ја ткаев и од останати парчиња од стар текстил. Имам изработено пончо од стари машки кошули, елек од стара тексас јакна, лежалка за моите мачки од стари ќилими. Од моето семејство досега не сум ја реупотребувала облеката, но со мали корекции сум продолжувала да ги носам навидум старите, старомодни и безначајни парчиња облека и да ги комбинирам во мојот стил на облекување“, раскажува Милевска за МИА.
Покритички кон навиките за потрошувачка
Милевска вели дека овој тип на обуки се користи за подигнување на свеста за еколошките импликации на текстилниот отпад и за поттикнување на човекот да размислува повнимателно за неговите навики за користење на текстилот. Дополнително, рече, овие обуки се користат и како едукативна алатка преку која се прикажуваат иновативни начини за намалување, реупотреба и рециклирање на облеката и текстилот, како што се обновување и пренамена.
„Со оваа иницијатива сакаме да ги инспирираме луѓето да почнат да размислуваат покритички за нивните навики за потрошувачка и за последиците од нивните постапки врз животната средина. Исто така овие обуки може да послужат како инспирација за понатамошна акција и ангажман во борбата против текстилниот отпад и неговото влијание врз животната средина“, додава таа.
Притоа појасни дека проектот опфаќа проблематика поврзана со отпадот од текстил како главен придонесувач за загадувањето на животната средина, бидејќи е потребно долго време да се распадне во природната средина.
„Поголемиот дел од ткаенината и облеката завршува на депониите, каде што испуштаат токсини во почвата и водата, што можат да и наштетат на животната средина. Дополнително, текстилниот отпад може да се согорува, а со тој чин се испуштаат опасни загадувачи на воздухот во атмосферата. За жал, производството на синтетички текстил често вклучува употреба на штетни хемикалии, што можат да имаат негативно влијание и врз животната средина. Овој тип на обуки сметам дека може да биде ефективен начин да се привлече вниманието на ова важно прашање“, нагласи Милевска.
„Не фрлајте ја вашата стара облека, погледнете во нејзината убавина
Кавадаречката дизајнерка рече дека тематиката на овие обуки ги таргетира сите целни групи од сите возрасти, со фокус на едукација на локалното општество, за влијанието на текстилниот отпад врз екосистемот.
„Поради сѐ поголемото увидување на влијанието на текстилниот отпад врз животната средина, модните индустрии во светот, па и кај нас, се повеќе се засегнати од ова прашање и се трудат да придонесат во решавањето на овој проблем, па така се почесто во продавниците за облека може да се најдат парчиња со ознаки дека се изработени од рециклиран материјал“, вели Милевска.
Таа појасни дека на овие обуки сега, фокусот се задржува на изработка текстилни елементи наменети за ентериерот.
„Бидејќи, за почетно ниво се полесни и поедноставни форми за изработка. Учесниците на обуките имаат можност да научат неколку техники за работење, шиење на машина, ткаење и плетење. Овие три техники се одбрани затоа што машината денес е основната алатка што ни служи за изработка на елементи од текстил, а додека плетењето и ткаењето се одбрани како техники кои се повеќе се во изумирање кај младите генерации“, сподели младата модна дизајнерка.
Желбата е, истакна, пред сѐ, да се развие свеста за влијанието на текстилниот отпад кај учесниците, како и да се развива нивната креативност и способност, сами да влијаат на овој проблем, почнувајќи од самите себе и од своите домови.
– Како дизајнер, оваа проблематика ја истражувам уште од моите факултетски денови, па така и најмногу се пронајдов во стилот деконструктивизам, што во модата значи создавање ново модно парче, од веќе постоечка облека, или поточно остатоци од искористен текстил.
На оваа тематика за прв пат во Кавадарци во 2023 година имала уличен уметнички перформанс, каде што целта била да покаже до кој степен може да си „играме“ со нашата креативност.
Се враќаат заборавените чингелаќе и разбој
Неколку креативни умови и вредни раце деновиве ги учат тајните на плетењето, шиењето и ткаењето. На чингелаќе, шивачки машини и мини разбој рамка, а во план е и поставување на вистински голем разбој, доколку се успее да се постави еден, што веќе е обезбеден. За да ги реупотребат облеките што фатиле прашина во семејните подруми, да докажат дека и старото може да биде квалитетно и вредно и да ја пренесат традицијата за негување на семејните вредности. Од разговорот со нив дознавме дека уметничкиот творечки порив го имаат наследено од нивните блиски. Рекоа, тој им е во генетскиот код. Растеле во семејни средини во кои домашните изработки биле вообичаена работа.
Кавадарчанката Мирјана Несторова има 48 години и рече дека шиењето и ткаењето биле нејзино секојдневие од најмали нозе, кога низ куќата се слушал звукот од машината за шиење и од разбојот на нејзината баба.
„Сѐ уште чувам по некоја рачна изработка од баба ми, дипли на пример, тие ме потсетуваат на неа и нејзината посветеност кон шивачкиот и ткајачкиот занает. Тетка ми исто така беше шивачка. Како мала се врткав околу нив и крадев, што се вели, од мајсторлукот. Бидејќи овие занаети денеска се речиси изумрени, решив да се пријавам на обуката и да ги откријам сите тајни што за жал не ги научив докрај од баба ми и тетка ми. Работам канцелариска работа во агенција за обезбедување и сакам слободното време да го поминувам изработувајќи нешто корисно. Би сакала да изработувам украсни диплички на разбој“, сподели Несторова.
Интерес за старинските работи има и кај помладите
„Мајка ми и ден денеска шие. Отсекогаш сум заинтересирана за уметноста и креативноста. Младински активист сум во бројни творечки проекти. Решив да го проширам фондот на моите вештини. Сакам да изработувам нешта што ќе останат и ќе зборуваат на уметнички начин. Средношколка сум, а најверојатно ќе студирам костимографија. Во секој случај, нешто поврзано со уметност. Сакам со прстите да го почувствувам овој свет“, рече 17 – годишната Арелена Гостимировиќ, додека со чингелаќе плете тенко исечени ленти од стара облека.
Нејзината врсничка, Клара Маркова откри дека исто така е заинтересирана да им даде нов сјај на старите алишта од мајка и тетки по шкафовите. Тие, подвлече, како едвај да чекаат да бидат реупотребени и повторно да ги види светот во нова светлина.
Драгица Петрова, исто така 17 – годишна, вели дека нејзината баба целиот свој живот била шивачка, се уште шие, но е во години и дека сака да ја наследи во поглед на овој занает и во слободното време да шие за себе и за своите блиски. За почеток, да си сошие фустан.