четврток, 6 март 2025

НБМ стана членка на СЕПА, за гувернерката Ангеловска-Бежоска ова е историски исчекор

Европскиот совет за плаќања денеска ја прифати нашата земја како 39 членка на Единствената област за плаќања во евра (СЕПА), соопшти Народната банка. Стапувањето во членство во СЕПА ќе овозможи побрзо, ефикасно и поефтино извршување на елктронските плаќања во евра до која било земја членка и значи поголема финансиска интеграција на земјава во ЕУ.

Објавено на

часот

Сподели

Под водство на Народната банка, се наведува во соопштението, земјава направи значителни напори да ја усогласи правната рамка во доменот на плаќањата и платните системи со регулаторните барања на Европската Унија (ЕУ), со што и официјално државата се приклучи кон платежната област СЕПА, исполнувајќи една од најважните цели на патот кон членство во ЕУ.

„Од членството во СЕПА очекуваме бројни придобивки за нашите граѓани, компании, но и за економијата во целина. Пред сè очекуваме побрзи, побезбедни и поевтини прекугранични плаќања во евра. Ова е особено важно за македонската економија којашто се карактеризира со висок степен на трговска отвореност (еден од највисоките во ЦЈЕ) и голем обем на прекугранични плаќања. Оттаму, и потенцијалот за заштеда во трошоците, за подобрување на ликвидноста и за зголемување на конкурентноста на компаниите е голем. Секако, ова може да одигра значајна улога во процесот на натамошна трговска интеграција, забрзан економски раст и намалување на доходовниот јаз со ЕУ“, посочува гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска во изјавата по повод одлуката на Европскиот совет за плаќања со што нашата земја стана членка на СЕПА.

Гувернерката истакна дека членството во СЕПА е потврда и за високите регулативни стандарди коишто се применуваат од страна на финансиските институции, што е важно за натамошно поттикнување на конкуренцијата, иновациите, но и за задржување на финансиската стабилност, како предуслов и за макроекономската стабилност којашто е јавно добро.

-Нашата економија се карактеризира и со релативно високи приливи на дознаки од странство, коишто достигнуваат и до 15 отсто од БДП. Со оглед на тоа дека дознаките  претставуваат значителен дел од расположливиот доход на населението, нема да изостанат придобивките и врз оваа основа, истакна Ангеловска-Бежоска.

Таа додаде дека за да станат сите овие можности реалност, од особена важност се добрата подготовка и брзото и ефективно приклучување на нашите давателите на платежни услуги кон европските платни системи.

-Овој успех е резултат на посветените напори на тимот на Народната банка, но и на Министерството за финансии и останатите регулаторни тела коишто работеа на усогласувањето на правната рамка и стандардите за работа на платните системи со европските, за што изразувам голема благодарност. Со овој значаен чекор, ја потврдуваме нашата заложба за финансиски напредок и за обезбедување на придобивките од оваа интеграција за секој граѓанин и бизнис во земјава, посочи гувернерката Ангеловска-Бежоска.

СЕПА е иницијатива на Европската банкарска и платежна индустрија претставувана од Европскиот совет за плаќања, поддржана од Европската комисија и другите институции на Европската Унија (ЕУ) и Евросистемот, за зголемување на ефикасноста на плаќањата во еврa и натамошен развој и продлабочување на заедничкиот европски пазар. СЕПА е востановена во 2008 година, а целосно е имплеменетирана во 2014 година во земјите во евро-зоната, додека во останатите земји членки на СЕПА во 2016 година.

Северна Македонија својата подготовка за членство во СЕПА ја започна 2013 година со Националната стратегија за развој на платни системи, во 2023 година беше усвоена нова правна рамка која даде основи за наше пристапување кон Единствената област за плаќања во евра. Во април 2024 година земјава ја поднесе до ЕК предапликацијата за СЕПА, а на 10 јули истата година и официјалната апликација. На денешната седница Европскиот совет за плаќања ја прифати нашата апликација, со што земјава стана 39 членка на Единствената област за плаќања во евра. Од земјите од Западен Балкан членки на СЕПА од декември 2024 година, се Црна Гора и Албанија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ