вторник, 11 февруари 2025

Научниците од Оксфорд постигнаа телепортација на податоци со квантен суперкомпјутер

Во револуционерен успех, научниците од Универзитетот Оксфорд го претставија првиот квантен суперкомпјутер во светот способен за телепортација. Овој скок во технологијата на квантното сметање ветува дека ќе го револуционизира нашиот пристап кон обработката на информации и преносот на податоци.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Научниците од Катедрата за физика на Универзитетот во Оксфорд го претставија првиот пример на дистрибуирано квантно сметање. Користејќи фотонски мрежен интерфејс, тие успешно поврзаа два посебни квантни процесори за да формираат единствен, целосно поврзан квантен компјутер. Резултатите од овој успешен експеримент беа објавени во списанието Нејчр.

На тој начин, физичарите од Оксфорд го решиле „проблемот со квантната приспособливост (скалабилност)“, односно како да се добие квантен компјутер со процесори спакувани во уред со разумни димензии. Тие поврзале мали квантни уреди и овозможиле пренос на податоци преку мрежа. Во теорија, не постои ограничување на бројот на процесорите што може да бидат во мрежата.

Скалабилната архитектура се базира на модули, од кои секој содржи само мал број јонски кубити, носители на квантни информации на атомско ниво. Тие се меѓусебно поврзани со помош на оптички влакна и користат фотони наместо електрични сигнали за пренос на податоците меѓу нив. Овие фотонски врски овозможуваат кубитите во одделни модули да се испреплетат, овозможувајќи изведување квантна логика преку модулите користејќи квантна телепортација.

Ова не е првпат научниците да постигнат квантна телепортација – тимовите претходно пренесуваа податоци од една локација на друга без поместување на кубитите. Сепак, ова е прва демонстрација на квантна телепортација на логички порти – минималните компоненти на алгоритмот – преку мрежна врска, пренесува британски Индипендент.

Истражувачите тврдат дека техниката на квантна телепортација би можела да ја постави основата за иден „квантен интернет“, што значи ултрабезбедна мрежа за комуникации и сметање.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ