сабота, 27 јули 2024
Ројтерс

НАТО се враќа во студеновоеното минато, прави големи одбранбени планови

Објавено на

часот

Сподели

На претстојниот јулски самит во Вилнус, северноатлантската алијанса НАТО треба да одобри илјадници страници тајни воени планови што, за прв пат по Студената војна, детално го образложуваат начинот на кој Алијансата ќе одговори на евентуален руски напад, објави Ројтерс.

Британската агенција наведува дека станува збор за фундаментална промена бидејќи НАТО со децении немал потреба да креира опсежни одбранбени планови, водејќи војни во Авганистан и Ирак, кога постсоветска Русија веќе не беше егзистенцијална закана.

Но додека во Украина се води најкрвавата војна во Европа од 1945 година, НАТО сега предупредува дека сè мора да биде испланирано долго пред да избие можниот конфликт со рамноправен противник каков што е Москва.

„Ова е основната разлика помеѓу кризна акција и колективна одбрана: ние не го одредуваме редоследот на настаните, туку нашиот противник. Мора да се подготвиме за тоа дека конфликтот може да избие во секој момент“, изјави еден од водечките воени претставници на НАТО, адмиралот Роб Бауер.

Со истакнување на своите регионални планови, како што наведуваат од алијансата, НАТО ќе им даде инструкции на земјите-членки како да ги надградат своите сили и логистика, наведува Ројтерс.

„Сојузниците точно ќе знаат какви сили и способности треба да имаат, вклучително и каде, што и како да распоредат“, рече шефот на НАТО, Јенс Столтенберг, кога беше прашан да коментира за тајни документи, со кои, како што беше случајот за време на Студената војна, се распоредуваат одредени трупи за одбрана на одредени региони.

Ова го формализира процесот инициран со руската анексија на Крим во 2014 година, што ги натера западните сојузници за прв пат да распоредат борбени единици на исток, при што Велика Британија, Канада и Германија го презедоа водството во една од балтичките земји.

Не е реприза на Студената војна

Но иако многу карактеристики наликуваат на воените сили на НАТО пред 1990 година, некои клучни фактори се променети за алијансата, која оттогаш се прошири за 1.000 километри источно и порасна од десетина на 31 членка.

Само вклучувањето на Финска во НАТО минатиот месец ја удвои границата на алијансата со Русија на речиси 2.500 километри и издејствува пофлексибилен пристап кон распоредувањето на силите отколку порано, кога за главна борбена зона се сметаше Германија.

Исто така, Алијансата веќе не се подготвува да води голема нуклеарна војна со Москва и нејзините сојузници – од кои повеќето се сега во НАТО, вели Иан Хоуп, историчар во Врховниот штаб на НАТО за сојузничките сили во Европа (ШЕЈП).

„Веќе не го замислуваме типот на војна каква што беше Студената војна, каде што сојузничките сили би биле истовремено погодени со големи напади од Варшавскиот пакт“, вели тој, додавајќи дека тоа би можеле да бидат регионализирани конфликти што треба да бидат потиснати со брзо распоредување сили.

Во исто време, интернетот, беспилотните летала, хиперсоничното оружје и брзиот протек на информациите претставуваат нови предизвици.

„Добрата вест е што зборуваме за транспарентност на бојното поле. Со сите сателити и сите информации можеме да видиме како созрева кризата. Во Украина, прилично рано ги имавме сите показатели“, вели генерал-полковникот Убер Котеро, заменик-началник на Генералштабот на ШЕЈП.

Оваа транспарентност, вели Ројтерс, е една од причините зошто НАТО, за разлика од барањата на балтичките земји, не гледа потреба од итно зголемување на бројот на силите на истокот.

„Масовното распоредување на војници на граница може да се спореди со чекан. Во некој момент вие ќе наидете на клинец“, предупредува Котеро. „Ако Русите трупаат сили на границата, тогаш ние сме нервозни, а ако ние трупаме војници, тогаш тие се нервозни“.

Предизвици

Сепак, голема ќе биде задачата драстично да се подобри подготвеноста на силите. Во 2022 година НАТО се согласи да стави 300.000 војници во готовност, што е многу повеќе од 40.000 во минатото.

Недостатоците во капацитетот на Алијансата да произведе доволно оружје и муниција се видливи и во маките со исполнувањето на украинските барања, пишува Ројтерс, додавајќи дека НАТО мора да ја надгради долго занемарената логистика неопходна за брзо испраќање единици по железница или пат.

Потребата од финансирање на спроведувањето на регионалните планови е една од причините зошто Столтенберг ги повика лидерите на земјите-членки да ги зголемат средствата за воените сили на алијансата, а за тоа ќе се разговара и во Вилнус, вели Ројтерс.

Претставниците на НАТО проценуваат дека ќе бидат потребни неколку години за целосно спроведување на плановите, но нагласуваат и дека Алијансата може веднаш да тргне во битка доколку е потребно.

„Подготвени сме да одиме во битка вечерва. Знаете, никогаш не можете да бидете доволно подготвени. Никогаш“, вели Котеро. „Доколку е потребно, мораме да бидеме способни и подготвени да се бориме вечерва со тоа што го имаме.“

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ