сабота, 27 јули 2024
Њујорк тајмс

НАТО се подготвува за борба на своите граници

Објавено на

часот

Сподели

Руската инвазија на Украина, најскапиот конфликт во Европа од Втората светска војна, ја принуди Организацијата на Северноатлантскиот договор да направи максимални напори за повторно да се претвори во способниот воен сојуз каков што беше за време на Студената војна.

Оваа промена го менува сојузот чии главни карактеристики со децении беа хибернацијата и сомнежот во себеси. Неодамнешното влегување на долго време неутралната Финска во Алијансата исто така претставува уште една значајна непланирана последица за рускиот претседател Владимир Путин од оваа војна.

НАТО брзо се движи од она што војската го нарекува возвраќачко одвраќање кон одвраќање преку оневозможување (кое би спречило руски напад со тоа што ќе ја намали веројатноста за негов успех). Во минатото, теоријата беше дека ако нападнат Русите, земјите-членки ќе се обидат да истраат додека сојузничките сили, главно американските и стационираните дома, да дојдат на помош и да им возвратат на Русите за да се обидат да ги потиснат.

Сепак, по руските злосторства во областите што ги окупираше во Украина, од Буча и Ирпин до Мариупол и Херсон, пограничните држави како Полска и балтичките земји веќе не сакаат да се изложуваат ни на најкратката руска окупација. Тие истакнуваат дека во првите денови од украинската инвазија руските војници окупирале територија поголема од некои балтички држави.

Да се ​​спречи такво нешто, да се одвраќа со оневозможување, значи да се случи револуција во практична смисла: повеќе војници постојано стационирани долж руската граница, поголема интеграција на американските и сојузничките воени планови, поголеми воени трошоци и подетални барања за сојузниците во однос на конкретните видови сили и борбена опрема и, по потреба, на однапред договорени места.

Путин долго време се жалеше дека НАТО го опколува и му се доближува. Меѓутоа, неговата инвазија на Украина ја испровоцира Алијансата да ја прекине преостанатата воздржаност во врска со зголемувањето на бројот на западните трупи долж границата на НАТО со Русија.

Намерата е силите на НАТО да се направат не само поголеми и поспособни, туку и да бидат повидливи за Русија, што е клучен елемент на одвраќањето.

„Дебатата повеќе не е за тоа колку многу е премногу“ поради страв да не се налути Москва, „туку колку многу е доволно“, рече Камил Гранд, кој до неодамна беше помошник-генерален секретар на НАТО за одбранбени инвестиции и кој сега работи во Европскиот совет за надворешни односи.

Земјите од Централна и Источна Европа инсистираат дека „веќе не е доволно да се каже дека сме подготвени да одвраќаме ветувајќи дека ќе ја вратиме загубената територија, туку дека треба да ја браниме секоја педа од територијата на НАТО уште од првиот ден“, рече Гранд. „Не е во ред да се биде под руска окупација неколку месеци додека да дојде коњаницата.“

НАТО сега распореди баталјон од мултинационални сили во осум земји долж источната граница на Русија. Развива планови за зголемување на овие сили до ранг на бригади во тие држави на првите линии за да го зајакне одвраќањето и да може да ги потисне инвазивните сили уште од самиот почеток. Исто така, задолжи илјадници дополнителни сили, во случај на војна, брзо да се вклучат како поддршка, со нови разработени планови за мобилност и логистика и построги барања за подготвеност.

„НАТО е организација што направи пауза од историјата“, рече Иво Х. Далдер, поранешен американски амбасадор во НАТО. Господинот Путин, вели тој, „нѐ потсети дека треба да размислуваме за одбраната, и тоа колективно“.

д

Алијансата ќе стави повеќе војници под директна контрола на највисокиот воен началник на НАТО, врховниот командант на сојузничките сили за Европа, генералот Кристофер Г. Каволи, кој исто така командува со американските сили во Европа.

Според новата графа „одвраќање и одбрана“, генералот Каволи ги интегрира американските и сојузничките воени планови првпат по Студената војна, рекол висок функционер на НАТО, кој сакал да остане анонимен поради деликатноста на темата. Американците се вратија во срцето на европската одбрана, рекол тој, и заедно со НАТО одлучуваат како точно Америка ќе ја брани Европа.

За прв пат по Студената војна, рекол функционерот, земјите од Источна Европа ќе знаат точно што има намера да направи НАТО за да ги одбрани – што треба да може секоја земја да направи за себе и какви задачи ќе им бидат дадени на другите земји за да помогнат. А западните земји во алијансата ќе знаат каде треба да одат нивните сили, со што и како да стигнат таму.

НАТО, исто така, ги поврзува своите долгорочни барања од сојузниците со тековните оперативни потреби. Ако во минатото, на пример, од земјите на НАТО можеше да се побара да испратат лесно вооружени сили со хеликоптери во Авганистан, сега тие ќе имаат задача да бранат одредени делови од територијата на самото НАТО.

На пример, за Британија тоа ќе значи обезбедување тешка опрема за одбрана на источното крило на НАТО, иако британската влада би сакала да продолжи да испраќа полесна, поекспедитивна армија, за која се потребни помалку пари, помалку луѓе и поевтина тешка опрема.

Планирањето во НАТО веќе е опсежно, но ќе стане уште помакотрпно и поконкретно. Земјите одговараат на прашалници за нивните капацитети и опрема, планерите на НАТО им кажуваат што им недостига или што може да се намали или да се зајакне.

Во еден случај, според Роберт Г. Бел, советник за одбрана во мисијата на САД во НАТО до 2017 година, на Данска ѝ било кажано да престане да троши пари за градење подморници. На Канада ѝ било кажано дека мора да обезбеди авиони за полнење гориво во лет.

Државите може да се спротивстават – некои земји со фрегати со години одбиваа да постават ракети за противвоздушна одбрана од страв да не остават впечаток на ескалација, но мора да ги одбранат и да им ги објаснат своите планови на сите членки на НАТО. Ако сите други сојузници се согласат дека планот на земјата не е соодветен, тие може да гласаат за да ја принудат да се приспособи во она што е познато како „консензус минус еден“. Таквите барања се ретки, но тоа се случи со Канада, вели Бел.

Барањата сега ќе бидат поостри и поригорозни за да се обноват борбените способности на Алијансата во Европа и да се развие одвраќањето за да се осигури дека НАТО уште од првиот ден на конфликтот може да води војна со висок интензитет против ривалската Русија.

д

Промената во НАТО почна бавно во 2014 година, откако Русија го анектираше Крим, предизвикувајќи бунт во источен Донбас. На самитот таа година во Велс, сојузниците на НАТО се согласија за воени трошоци од два отсто од бруто домашниот производ до 2024 година. Во моментов, само осум од вкупно 31 земја, вклучувајќи ја и новата членка Финска, ја имаат исполнето таа цел, но военото трошење од 2014 година значително се зголеми до 350 милијарди долари.

На следниот самит на НАТО во јули ќе биде договорен нов план за трошењето, а два отсто од БДП ќе се сметаат за минимум. Со оглед на тешкотиите што ги има Русија во Украина, доколку големите сили потрошат меѓу 2,5 и 3 отсто од БДП на војската во следната деценија, тоа би требало да биде доволно, изјавил високиот претставник на НАТО.

По 2014 година, НАТО исто така се согласи да постави четири мали баталјони во балтичките земји и Полска. Идејата била тие да им се спротивстават на напаѓачите и за една или две недели по почетокот на инвазијата да се добие засилување.

По руската инвазија минатата година, НАТО додаде уште четири напредни баталјони, што значи дека сега има осум долж источната граница на НАТО, која сега ги вклучува Романија, Словачка, Унгарија и Бугарија. Сепак, вкупниот број војници за сите осум борбени групи е само 10.232, соопшти НАТО.

НАТО сега планира како да ги зголеми овие сили со големина на бригада, што значи да распореди околу четири до пет илјади војници во секоја од овие земји со цел засиленото одвраќање на НАТО да биде „погабаритен чкрапец“, рекол Бел.

Тоа ќе значи и надградба на воздушната одбрана на НАТО – голем недостаток од намалувањето на војските во изминатите 30 години, кога малкумина можеа да замислат дека руските ракети ќе паѓаат низ Европа – и сè повеќе и повеќе сложени воени вежби, видливи за Москва.

Претходно, годишните вежби на нуклеарните сили на НАТО, познати како „Постојано пладне“ (Steadfast Noon), беа чувани во тајност.

Меѓутоа, минатата година, по руската инвазија, вежбата се одржа сосема отворено. Еден функционер на НАТО рече дека било важно да ѝ се покаже на Москва дека нуклеарните закани не ја одвратиле Алијансата.

Илјадниците сојузнички војници што работат таму се трансформирани во голема стратегиска воена команда, задолжена за подготвување на плановите на Алијансата што ќе ги интегрираат и распоредуваат сојузничките војници – вклучувајќи сајбер, вселенски и поморски сили – во различни контингенти. Тие може да варираат од планирање хибридни војни до регионални војни што излегуваат од контрола до општ конфликт со нуклеарно оружје.

Командата на НАТО треба да открие како да ја вклопи Финска, а можеби и Шведска, и да одлучи каде нивните сили мора да ѝ се посветат на колективната одбрана. На пример, дали Финска треба да биде дел од седиштето што го покрива Балтикот или она што ги покрива арктичките рути и високиот север, или и двете?

д

Во принцип, раководството на НАТО може да повика 13 корпуси од по 40 до 50 илјади војници да се борат доколку е потребно. Сепак, вистинската сила на распоредувањето на НАТО не е ни приближно до тоа, признаваат негови високи претставници. Затоа, генералот Каволи и неговиот тим треба да одредат како најдобро и каде да го распоредат она што е навистина достапно во криза, притоа обидувајќи се да обезбедат државите да продолжат да ја подобруваат подготвеноста.

Еден од најмалку гламурозните предизвици се, едноставно кажано, мобилноста и логистиката: што е можно побрзо доведување војници, тенкови и оружје таму каде што треба да бидат и нивно одржување.

Во моментов, постојат големи постстуденовоени пречки, кои вклучуваат недостиг од складишта, недостиг од соодветни железнички вагони, недостиг од вонредни права за преминување на границата и користење патишта, теми за кои се потребни одлуки на цивилните власти.

Дури и снабдувањето на Украина од мирната Полска се покажа како голем логистички проблем, рекол друг претставник на НАТО, кој исто така сакал да остане анонимен. Камионите се натоварени со залихи, нема доволно железнички вагони за носење тешка опрема како тенкови, а неопходно е да се добијат дозволи на секоја европска граница. Според него, ваквата работа во воена состојба, додека летаат ракети, паѓаат бомби, нема интернет, а од спротивната насока бегаат бегалци, е своевиден предизвик.

„НАТО не размислуваше сериозно за одбраната на својата територија, а сега и на морето“, рекол Далдер, претседател на Чикаго-советот за глобални прашања. „Тоа го правеше 40 години, и иако мускулите атрофираа, мускулната меморија сè уште е таму“, рече тој.

„Клучот е да ги научиме луѓето и владите што тоа никогаш не го доживеале како да го изведат тоа.“

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ