Што се однесува до прославата по повод членството во овој воен сојуз, граѓаните на Скопје ќе можат да го посетат Отворениот ден на кој покрај изложените воени средства, возила и опрема, ќе може да проследат и показни вежби од припадниците на баталјонот за специјални сили, алпинистички вештини на ренџерите, вежба со армиски кучиња, како и музичка изведба од страна на Воениот оркестар.
Меѓу изложените воени возила ќе бидат и најновите JLTV оклопни возила, Кобра, армиски хеликоптер МИ/17 и машина –робот за пронаоѓање експлозивни направи.
На посебни штандови, Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ ќе ги претстави своите програми и можностите за студирање на Академијата, ќе бидат претставени професијата воен пилот и можностите за прием во Армијата како професионални војници, а граѓаните ќе можат да земат примерок од магазинот на Министерството за одбрана, „Штит“.
На отворениот ден ќе присуствуваат и министерката за одбрана Славјанка Петровска и заменикот на началникот на Генералштабот, генералот Азим Нуредин.