петок, 18 октомври 2024

Наставничка од Њујорк стана главен ловец на стаорци во најголемиот град во САД (ВИДЕО)

Објавено на

часот

Сподели

Кетлин Коради има задача да се справи со потенцијалните милиони стаорци кои демнат во сиромашните квартови во Њујорк, дупките, тунелите во метрото и напуштените згради и места.

Во огласот за работа, градот сериозно бараше кандидати кои се „крвожедни“, имаат „убиствени инстинкти“ и можат да се посветат на „колеж на стаорци на големо“.

„Кога првпат го видов огласот за оваа работа, не бев баш сигурна дека работата е вистинска. Мислам, „крвожеден“ не е збор што обично го гледате во описите на работните места и сигурно не е збор што обично го користам за да се опишам себеси“, рече Коради на прес-конференција во паркот во Харлем, но додаде: „Ќе ме гледате многу, а ќе гледате многу помалку стаорци“.

 

 

Стаорците одамна го напаѓаат градот, еден од најголемите извори на јавна загриженост заедно со криминалот, бездомништвото и вртоглавите кирии. Ниту една стапица или отровна мамка не успеа да го намали бројот на овие глодари кои владеат по тунелите на метрото и ползат во напуштените места и градски паркови.

„Стаорците се паметни. Тие се отпорни. Многумина од нас живеат во населби каде стаорците мислат дека можат да владеат со овој град“, рече градоначалникот Адамс, член на Демократската партија на САД.

Во текот на изминатата година, њујорчани пријавиле 3,2 милиони средби со стаорци на општинските власти, само нешто помалку од рекордниот број на пријави во 2021 година.

Пристапот на властите во Њујорк се разликува од оној на некои активисти за правата на животните во Париз, град кој има повеќе стаорци од своето население од 2,2 милиони, а според некои проценки и двојно повеќе.

Тие борци тврдат дека „стаорците не се наши непријатели“.

Градоначалникот на Њујорк мисли поинаку, а како водач на еден кварт во Бруклин, еднаш на новинарите им покажал кофа полна со отровна супа наменета за стаорци. „Има некои луѓе кои викаат, „Убиец! Убиец!“. А ние знаете, не можеме нешто тука да филозофираме за работи кои влијаат на квалитетот на нашите животи“.

Стаорците шират и разни болести, како што е лептоспирозата, која може да предизвика менингитис и откажување на црниот дроб и бубрезите.

Првата задача на новата „Царица за стаорци“ ќе биде да воспостави „зона за намалување на бројот на стаорци“ во Харлем, каде што градот ќе инвестира 3,5 милиони долари за спроведување на „забрзан план за намалување на стаорците“, ангажирајќи 19 работници со полно работно време и 14 кои ќе бидат ангажирани сезонски.

Коради вели дека борбата ќе ја започне со отстранување на изворите на храна за стаорците, кои на прво место се ѓубре и фрлена храна.

„Имам долга историја на борба со стаорци“, рече таа. Како десетгодишна девојка, таа собирала потписи за петиција против стаорци во своето соседство и била на чело на кампањата за училиштата во Њујорк да се ослободат од стаорци.

Адамс не е првиот градоначалник на Њујорк кој назначил „цар“ да се бори со стаорци. Руди Џулијани именуваше еден од своите заменици за оваа работа, но Коради ќе биде првата градска директорка за прашањето на намалување на стаорци во градот.

Џулијани формираше специјален одред против стаорци кој има своја база наречена „Академија за стаорци“ која сè уште произведува кадри за теренска борба против оваа напаст, а поранешниот градоначалник Бил де Блазио одвои 30 милиони долари за борбата против стаорци, вклучително и план да се задушат стаорците во нивните легла со сув мраз, но сето тоа не успеа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ