„Ова е големо признание за Народната банка коешто го доби за високото ниво на квалитет и автоматизираност на процесите при извршувањето на плаќањата, во конкуренција со голем број финансиски институции и компании на меѓународно ниво“, се вели во соопштението.
Главни критериуми при изборот на добитниците на оваа традиционална годишна награда на Комерцбанк биле бројот на обработените трансакции и квалитетот на форматот и структурата на свифт-пораките, во согласност со стандардите на СВИФТ.
„Оттука, таа претставува и признание за високата усогласеност со меѓународните стандарди на СВИФТ за автоматизирана електронска обработка на прекуграничните комерцијални плаќања и финансиските трансфери без потреба од рачна интервенција, што придонесува за висока ефикасност при обработката на плаќањата. Оваа награда ја одразува и цврстата определба на Народната банка за постојано вложување во ресурси за унапредување на интерните системи, со цел да биде во чекор со најновиот технолошки развој во финансиската и особено во платежната сфера“, велат од банката.
Соработката меѓу Народната банка и Комерцбанк од Германија е во доменот на извршувањето на плаќањата со странство за државата и државните органи, како и во процесот на порамнување трансакции поврзани со управувањето со девизните резерви, каде што Комерцбанк е кореспондентна банка на Народната банка за прекуграничните плаќања.
Народната банка, нагласуваат оттаму, и натаму ќе биде посветена на унапредувањето на квалитетот во сферата на плаќањата.
За оваа цел е и поднесувањето на формалното барање за членство на земјата во Единствената област за плаќања во евра (СЕПА), што претставува клучен исчекор за понатамошниот развој и интеграција на домашниот финансиски систем во европскиот економски простор.
Членството на земјава во СЕПА, нагласуваат од Народната банка, ќе донесе бројни придобивки за граѓаните, фирмите и целокупната економија, преку обезбедување побрзи, поефикасни и поевтини плаќања во евра кон и од земјите членки на СЕПА, поедноставување на процедурите, поголема транспарентност и засилена заштита на потрошувачите.