Одлуката е донесена вчера на редова седница на Советот, а се заснова врз оцените за постепено стабилизирање на нагорните циклични системски ризици и постојана стабилност на банкарскиот систем. Исто така, укажуваат од НБ, ги зема предвид условите од окружувањето коешто и натаму е неизвесно и придружено со ризици, што е причина за претпазливо спроведување на макропрудентните мерки заради натамошно јакнење на отпорноста на банкарскиот сектор.
Со одржувањето на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот се придонесува за спречување и за намалување на можните ризици, укажува во соопштение Народната банка.
Најавува дека ќе продолжи со внимателно следење на системските ризици и ќе ја преоценува висината на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот на редовна квартална основа.
„Притоа, имајќи ја предвид природата на противцикличниот заштитен слој на капиталот и насоките на релевантните европски институции, Народната банка може да ја оцени потребата за зголемување на стапката, при раст на ризиците и неизвесностите од окружувањето, во услови на поволни остварувања на банките. Во случај, пак, на значително остварување на ризиците во билансите на банките, може да се оцени и потребата од делумно или целосно ослободување на овој заштитен слој на капиталот, како поддршка во работењето на банките при евентуални неповолни сценарија“, се наведува во соопштението.