Според податоците на со кои таа располага, на крајот од 2023 година, банкарските побарувања врз основа на зелени кредити изнесуваат 19.863 милиони денари. За споредба, на крајот на 2019 година тие изнесувале 7.176 милиони денари. Растот на зеленото кредитирање се должи најмногу на кредитите земени од фирмите, додека најмногу зелени кредити давале големите банки.
Од Народната банка додаваат дека расте и уделот на зелените во вкупните кредити, иако сѐ уште е на ниско ниво. Oд крајот на 2019 година, заклучно со 2023 година, учеството на зелените во вкупните кредити е зголемено од 2,2 на 4,5 отсто.
„Народната банка, препознавајќи ги ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ја постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија. Преку низа активности, нашата централна банка придонесува за поттикнување на зеленото финансирање, вклучувајќи ги и монетарните мерки. Народната банка изработи Среднорочен план на активностите во доменот на управување со ризиците поврзани со климатските промени за периодот 2023 − 2025 година, а неодамна заради подобрување на расположливоста на податоците за климатските промени објави и Преглед на зелените показатели коишто ќе помогнат во анализите за понатамошно носење политики“, се вели во соопштението од Народната банка.
Од банката додаваат дека се гради и зелено портфолио на хартиите од вредност во девизните резерви. За оцена на отпорноста на банкарскиот систем на климатските промени се планираат стрес-тестови.