Претставата е трета етапа од трилогијата на проектот „Сиот свет е сцена – имерзивен и партиципативен театар како алатка за адресирање на општествени прашања и предизвици” на Здружението на уметници Културен центар „Медиа Артес“.
-„Напуштени места“ се однесува на неискористените потенцијали на просторите и културното наследство – места полни со сеќавања, метаморфоза, нови перцепции, регенерација, мистерија, бунт, угнетување… Перформансот е креативен процес на соработка помеѓу тимот на актери и драматург. Експериментално театарско дело, локациски специфичен перформанс, кој ќе ве поведе на лично внатрешно патување и длабока имерзивност, соопшти Културниот центар „Медиа Артес“.
Во претставата учествуваат: Адријана Билаловиќ-Тодороска, Павел Маслов, Билјана Билаловиќ-Велјаноска, Јасмина Василева и Јасмина Билаловиќ. Текстот е колективно авторство на актерите и драматургот Јелена Вуксановиќ – режисерката на претставата.
Продуцент е Културен центар „Медиа Артес“, копродуцент НУЦК „Григор Прличев“ – Охрид, а партнер во имплементација е КСП Центар-Јадро. Проектот е финансиски поддржан од Амбасадата на Швајцарија во Скопје и Агенцијата за развој и соработка на Швајцарија.