Во соопштението наведуваат дека жртвите се девојчиња на возраст од 7 и 8 години, од кои едното е во животна опасност. Полицијата потврди дека 39-годишниот осомничен веднаш бил уапсен во близина на училишниот двор, пишува Асошиејтед прес.
Портпаролката на полицијата изјави дека сѐ уште се нејасни околностите за нападот. Не е познато ниту дали напаѓачот им бил познат на ученичките.
Регионалната министерка за внатрешни работи Ајрис Спренгер рече дека е „длабоко шокирана“ од настаните во училиштето, потврдувајќи дека девојчињата биле нападнати со нож.
Градоначалникот Каи Вегнер рече дека е шокиран од, како што рече, „несфатливото дело“.
„Моите мисли во овие тешки часови се со двете ранети девојчиња“, рече тој. „Им посакувам брзо и добро закрепнување“.
Вегнер им изрази сочувство на родителите, наставниците и соучениците на жртвите и рече дека бил во близок контакт со полицијата за нападот.
Државниот оддел за образование на Берлин соопшти дека властите немаат никакви индикации дека зад нападот има политички или верски мотиви.