сабота, 27 јули 2024
Ројтерс

Нападот со дрон понижувачки, но и корисен за Путин

Објавено на

часот

Сподели

Иако беспилотните летала беа уништени пред да предизвикаат сериозна штета, инцидентот ја истакна очигледната ранливост на центарот на Москва кон непријателските беспилотни летала, додека гневните аналитичари ја доведуваа во прашање ефикасноста на руската противвоздушна одбрана.

Нападот со беспилотно летало врз Кремљ би бил најсериозното пробивање во рускиот воздушен простор откако германскиот тинејџер Матијас Руст го приземји својот едномоторен авион на работ на Црвениот плоштад во 1987 година, потсетува агенцијата АП.

Иако соопштението за нападот, дури и ако бил лажиран, ризикуваше да ја поткопа довербата на руските граѓани во честите тврдења за воена супериорност, впечатокот е дека внатре во Русија тој само го зајакна наративот поддржан од Кремљ дека војната во Украина е од егзистенцијален карактер за руската држава и народ.

Бидејќи инцидентот се случи пред годишната парада за Денот на победата на 9 мај во Втората светска војна, која се организира на Црвениот плоштад во Москва, еден вид свет настан за многу Руси и во време кога Русија, според Западот, трпи големи загуби со мал напредок во Украина, некои експерти за ситуацијата во Кремљ веруваат дека тоа би можело да биде инсцениран настан чии креатори се надеваат дека ќе има ефект на општа сенародна сплотеност.

„Тоа е обид да се собере сѐ што е свето во една објава“, вели Александар Баунов, поранешен руски дипломат, коментирајќи ја реакцијата на Кремљ.

Според верзијата на Кремљ, цел на наводниот напад биле Путин, руското знаме на врвот на зградата на сенатот во Кремљ и фрлање сенка на Денот на победата“, рече Баунов за јутјуб-каналот Живој гвозд.

„Тие се обидуваат да ги соберат луѓето околу овој (наводен) неуспешен напад. Всушност, се работи за патриотска мобилизација“, рече Баунов.

Таквото единство, потенцијално засновано на комбинација од гнев, страв и патриотизам, би можело да се покаже корисно во време кога Русија се подготвува за долгоочекуваната украинска контраофанзива за која Киев се надева дека повторно ќе заземе делови од окупираната територија.

Откако кабинетот на Путин, вели Ројтерс, за инцидентот со беспилотното летало лажно рече дека е украински обид за атентат на претседателот, што Киев го негира, политичарите од рускиот политички спектар повикаа на одмазда и побараа од Москва да ја врши, како што ја нарекуваат, „специјалната воена операција“ во Украина на многу потежок начин.

Некои западни аналитичари се прашуваат дали на Русија ѝ останува друга опција за ескалација на конфликтот, освен употреба на тактичко нуклеарно оружје во Украина, сценарио што не го застапуваат дури ни најтврдокорните руски националистички аналитичари.

Сепак, Ројтерс истакнува дека Москва има и други опции за ескалација, покрај оние што на Запад би биле окарактеризирани како варварски и нелегални, како што се таргетирање на украинската претседателска администрација и други владини згради во центарот на Киев и отворен обид за убиство на украинскиот претседател Володимир Зеленски и членовите на неговиот тим во фокусирана кампања.

И поранешниот претседател Дмитриј Медведев и Владимир Соловјов, еден од најистакнатите провладини ТВ-коментатори, се залагаа за таква акција по инцидентот со дронот.

Антитерористичка операција?

Еден од начините Кремљ да го поплочи патот за таква акција во Украина би било официјално да ја карактеризира својата кампања во Украина како контратерористичка операција, нешто за што се залагаат некои националистички политичари.

Исто така, може да се означи украинската влада како терористичка организација, а нејзините западни поддржувачи, како што се САД, како спонзори на тероризмот, како што рече Вјачеслав Володин, претседателот на долниот дом на рускиот парламент.

„Нацистичкиот режим во Киев мора да биде прогласен за терористичка организација. Тој не е ништо помалку опасен од Ал каеда“, рече Володин во изјавата.

„Политичарите во западните земји што впумпуваат оружје во режимот на Зеленски треба да разберат дека не само што станаа спонзори, туку и директни соучесници во терористички активности.“

Според Сем Грини, еден од авторите на книгата за Путин и професор на Кралскиот колеџ во Лондон, таквиот потег може да го отвори патот за руските власти дополнително да ја засилат репресијата дома.

„Јас би барал знаци дали Кремљ ја интензивира својата реторика за тероризмот и ги означува САД и другите земји како спонзори на тероризмот“, рече Грини. „Тоа би отворило огромен нов простор за прогон на сите руски граѓани што имаат контакт со западните влади и затоа би значело логично продолжување на постојната политика.“

Друга опција што му е достапна на Путин, иако веројатно би била непопуларна, е да нареди нов бран на воена мобилизација за да регрутира и да обучува дополнителни војници за војната. Неодамна беа изменети законите за да се овозможи електронско доставување на повиците за војска и да се намали можноста за избегнување откако десетици илјади регрути ја напуштија земјата.

Инцидентите како овој со дронот може да дадат политичко покритие.

Ројтерс вели дека во рускиот исклучително централизиран и контролиран политички систем на Путин секако не му треба други политичари да бараат одмазда за да го направи она што го сака.

Сепак, за големите политички промени и одлуки што веројатно ќе бидат непопуларни кај пошироката домашна јавност или ќе бидат осудени од Западот сè уште е потребно одредено покритие, дури и ако критичарите го сметаат за нелегитимно, за да се објаснат и оправдаат таквите постапки.

Истрагата за инцидентот со дронот сигурно ќе ги открие пропустите во руските системи за воздушна одбрана. Ова може да биде поттик за отпуштања или поширока владина реформа, доколку Путин го сака тоа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ