Возилото со кое го прегазил девојчето било на име на неговиот татко, Зоран Јованов кој, според неофицијалните објави на социјалните мрежи, бил вработен во касарната Илинден како потполковник.
Кривичниот суд вчера му одреди притвор во траење од 30 дена на Јованов. Како што претходно соопштија од Обвинителството, Јованов бил пијан, возел без возачка и со голема брзина на црвено на семафорите во близина на Универзална сала на булеварот „Партизански одреди“.
„Осомничениот 20-годишник, на 29 јануари, како учесник во сообраќајот на јавните патишта, управувал патничко возило „Пежо 207“ сопственост на неговиот татко по десната сообраќајна лента од бул.„Партизански Одреди“. Меѓутоа, не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај. Автомобилот го управувал без возачка дозвола и под дејство на алкохол со 0,82 промили присуство на алкохол во урина, со што го довел во опасност животот на луѓето. Кога дошол пред обележан пешачки премин на крстосницата со ул.„29-ти Ноември“, не ја приспособил брзината на движење на возилото спрема својствата и состојбата на патот и сообраќајот и другите сообраќајни услови за да може навремено да го запре возилото пред секоја пречка. Пред пешачкиот премин регулиран со семафори кои за време на незгодата работеле исправно, продолжил со движење на вклучено црвено светло на семафорот и со предниот лев дел од возилото удрил во телото на пешакот-жртва Фросина Кулакова, која на обележан пешачки премин попречно ја преминувала коловозната лента. Од ударот оштетената се здобила со тешки телесни повреди од кои на лице место починала“, се вели во вчерашното соопштение на Обвинителството.
Против 20-годишниот возач што ја усмрти младата Фросина на „Партизанска“ претходно имало пријави за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори и за сообраќајна незгода во која едно лице се здобило со полесни повреди. Осомничениот бил во притвор, а потоа Основниот кривичен суд Скопје одлучил да му изрече воспитна мерка упатување во воспитно поправен дом, укинувајќи ја притворската мерка.
Како што соопштија од Обвинителството, на 30 март 2024 година, Министерството за внатрешни работи поднело кривична пријава против осомничениот за кривично дело според член 215 од Кривичниот законик. Веднаш истиот ден, јавниот обвинител донел наредба за поведување истражна постапка и предложил мерка притвор.
Осомничениот бил достапен на органите на прогонот од 2 април 2024 година и веднаш започнал да ја издржува мерката притвор. Од Обвинителство велат дека истрагата завршила за помалку од два месеци, а на 21 мај 2024 година јавниот обвинител поднел обвинителен акт и побарал продолжување на мерката притвор, што било прифатено.
„Притворот беше продолжен до 31 јули 2024 година, кога Основниот кривичен суд Скопје донесе пресуда со која го огласи осомничениот за виновен и му изрече воспитна мерка – упатување во воспитно поправен дом, укинувајќи ја притворската мерка“, велат од Обвинителство.
Дополнуваат дека на 30 септември 2024 година, јавниот обвинител вложил жалба незадоволен од пресудата, барајќи построга казна. Жалбата била во однос на воспитната мерка, бидејќи за притворот не е дозволена жалба.
Според информациите на ОЈО, против осомничениот е поднесена уште една кривична пријава на 1 февруари 2023 година за сообраќајна незгода од 4 ноември 2022 година, во која едно лице се здобило со полесни повреди.
„Јавниот обвинител донесе решение да не се презема кривично гонење, а осомничениот се согласи да уплати 18.000 денари во Буџетот на РСМ. Освен ова, МВР поведе и прекршочна постапка за возење без возачка дозвола. Други кривични пријави против лицето не се поднесени“, дополнуваат од обвинителството.
Основното јавно обвинителство Скопје вчера донесе наредба за спроведување истражна постапка против 20-годишен осомничен за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.
Осомничениот, на 29 јануари, управувал возило „Пежо 207“ без возачка дозвола и под дејство на алкохол, при што удрил во пешакот Фросина Кулакова на булевар „Партизански Одреди“, која починала на лице место. Јавниот обвинител предложи мерка притвор за осомничениот.
Од ВМРО ДПМНЕ и СДСМ побараа максимална казна за сторителот и итно дејствување од институциите.
„Не е трагичен настан, убиство е“, е паролата која се споделува на социјалните мрежи од граѓаните кои се полни со лутина и гнев по смртта на девојката.
За денес во 13 часот најавен е протест протест по трагичната несреќа во која загина Фросина, со барање бараат надлежните да отворат очи.
Лутината најмногу е на судијата кој му го укинал притворот Јованов, кога го осудил за поседување на дрога. Во објавата на социјалните мрежи, граѓаните повикуваат на собирање и блокада на булеварот како израз на револт кон судската одлука.