„Како што најавивме во понеделникот, кога ги промовиравме новините во системот на примарна здравствена заштита, започнуваме посети на неколку ординации на матични лекари. Денеска тоа е ординацијата на доктор Тунџева, матичен лекар, со која разговарав како оди новиот начин на работа и колку се задоволни пациентите“, рече министерот.
Одговарајќи на новинарско прашање, меѓу другото, Меџити рече дека имаат за цел Медицинскиот факултет да биде во Шангајската листа рангиран на повисоко ниво.
Тој потсети на започнатата реформска мерка со која се овозможува, матичните лекари да препишуваат терапија за своите пациенти. Со ова, нагласи тој, се постигнуваат неколку суштински промени и унапредувања, како за пациентите, така и за здравствените работници.
„Прво, го олеснуваме административниот товар на матичните лекари како доктор Тунџева. Тие повеќе нема да треба, само да препраќаат пациенти, туку ќе може да препишуваат терапија за своите пациенти. Со ова, ја зајакнуваме нивната улога и важност во здравствениот систем и им овозможуваме тие да ги дијагностицираат пациентите“, појасни Меџити.
Тој рече дека матичните лекари многу добро ја познаваат здравствената состојба на своите пациенти, развојот на заболувањето, бидејќи многу често се во контакт со нив.
„Со оваа мерка, овозможуваме матичниот лекар максимално да се посвети на пациентот. Понатаму, пациентите добиваат многу, тие сега веќе ќе може кај своите матични лекари да ги добиваат овие услуги, наместо да мора да одат во Клинички центар или во секундарното и терциерното здравство, да губат време, да трошат средства за да завршат работа. Ова им го олеснува секојдневието на пациентите и на нивните блиски кои се грижат за нив“, рече министерот.
И трето, многу важно, додаде, ќе се намали притисокот врз секундарното и терциерно здравство и врз клиниките.
„Според нашите анализи, околу 30 отсто од пациентите кои дневно доаѓаат на Клиника, доаѓаат кај специјалисти за продолжување на терапија или услуги кои со оваа реформа ќе може да ги добијат кај својот матичен лекар. Ова е огромен чекор кон растеретување на гужвите, олеснување на работата на клиниките и во крајна инстанца, поквалитетни услуги за пациентите, како и подобри услови за лекарите“, изјави Меџити.
Тој потсети дека како што веќе беше најавено, реформата оди во повеќе етапи.
„Во првата етапа, практично, од вчера, откако се објавени протоколите во Службен весник, матичните лекари веќе може да препишуваат терапија. Понатаму, започнуваме со имплементација на сите останати делови од реформата, следна ќе биде можноста да направат упат за лабораториски анализи, а потоа сите останати, за кои е потребно повеќе време за имплементација“, појасни министерот.
Тој нагласи дека оваа мерка е во интерес и на сите пациенти.
„Периодот што следува, бенефитот од оваа промена ќе ја почувствуваат пациентите, а тоа за нас е најважно. Ова е првиот чекор од овој важен реформски процес, со што ќе им овозможиме на идните генерации, задоволен и мотивиран матичен лекар, кој во целост ќе може да се посвети на своите пациенти. Една од клучните цели во реформирање на здравствениот систем, е фокусот на пациентите“, порача министерот за здравство.
Апсолутно, одговори министерот, на прашањето дали ќе се стимулираат матичните лекари за новите ингеренции што ги добиваат.
Координаторот на реформите во примарната здравствена заштита, Злате Мехмедовиќ изјави дека ќе се прошири листата на лекови, согласно онаа програма што ја имаат зацртано во реформите.
„Ништо нема да се случи преку ноќ и за сите преговори коишто се во насока на подобрување на системот на примарна здравствена заштита разговарано е со матичните лекари. Гледате дека во почетокот одиме етапно, не ги дадовме сите реформи да се аплицираат уште од првиот ден кога ги најавивме на брифингот, оставивме простор да се развие дискусија по однос на тоа и да од денес почнуваат да се препишуваат рецептите. За кратко време ќе почне да се препишуваат лабораториските упата. Споменавте дали ќе се прошири листата на лекови – да, ќе се прошири, меѓутоа согласно онаа програма која што ја имаме зацртано во реформите – да обезбедиме пред се квалитет преку веќе искреирани протоколи коишто ќе гарантираат точно кога и како може да се препишуваат одредени лекови“, појасни Мехмедовиќ, одговарајќи на новинарско прашање.
Тунџева кажа дека утринава се надградил системот бидејќи програмата го барала тоа. Таа додаде дека сега работи системот, функционира, појасни оти се работи за пет лека од пет различни групи, кои во иднина ќе се надоградуваат. Според неа, нема да има проблем во аптеки, системот е поврзан преку „Мој термин“. Таа нагласи дека бенефит ќе имаат сите хронични пациенти и нивните семејства.