петок, 25 октомври 2024

Најуспешна деловна година за Комерцијална банка

Извештајот на работењето на Комерцијална банка АД Скопје во првите 9 месеци, кој е јавно достапен на сајтот на Македонската берза за хартии од вредност, укажува дека 2023 година најверојатно ќе биде најуспешната деловна година на банката од нејзиното постоење. Нето-добивката на Комерцијална банка за првите 9 месеци годинава изнесува 49,56 милиони евра. Во истиот период минатата година банката оствари профит од исто така извонредните 30 милиони евра. Тоа е зголемување за 65%.

Објавено на

часот

Сподели

„Нето-приходите од камата претставуваат основна компонента во формирањето на вкупните приходи од работењето и на 30.09.2023 година истите бележат зголемување од 80,7% во однос на истиот период од минатата година. Притоа, треба да се укаже дека иако пораст бележат сите категории каматни приходи, најголемо влијание има порастот на каматата од финансиски друштва, а во помал обем влијае и порастот на приходите од камати од нефинансиски друштва, нерезиденти и држава. На пример, зголемувањето на каматните приходи остварени од финансиските друштва, каде доминираат пласманите во благајнички записи и депозитите во НБРСМ, се деветкратно поголеми, а кај нерезидентите, каде преовладуваат пласманите во странски банки, се петкратно поголеми од приходите остварени во истиот период минатата година“, се вели во коментарот на Банката.

Вкупната актива на Комерцијална банка, на 30 септември 2023 година, достигнала износ од 159.123,3 милиони денари или речиси 2,6 милијарди евра, што претставува зголемување од 5,4% во однос на декември 2022 година.

Коментирајќи ги очекувањата за периодот што следи, Банката вели дека високото ниво на неизвесност во домашната економија и на меѓународен план упатуваат на потребата од поконзервативен пристап во обликувањето на очекувањата за 2023 година, при што се земени предвид проекциите објавени од Министерството за финансии, Народната банка на Република Северна Македонија, Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка.

„Во услови на исклучително голема променливост на претпоставките и висока неизвесност, последните прогнози на Светската банка предвидуваат поскромна стапка на раст на БДП за 2023 година од 1,8%, како резултат на забавувањето на надворешната побарувачка и континуираното зголемување на трошоците на живот. Растот се очекува умерено да забрза на среден рок како резултат на порастот на јавните инвестиции, закрепнатата потрошувачка и зголемувањето на извозот. Макроекономската стабилност во 2023 година се очекува да биде одржана преку одржување на ценовната стабилност и стабилноста на номиналниот девизен курс на денарот во однос на еврото. Се очекува преземените мерки од страна на државата и затегнувањето на монетарната политика од страна на НБРСМ да влијаат врз движењето на инфлацијата, така што истата, согласно последните прогнози на Светската банка се очекува да изнесува околу 9%“, коментира Комерцијална банка и најавува дека ќе ги презема сите неопходни активности за прилагодување кон новонастанатите состојби.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ