недела, 22 декември 2024

Најмалку двајца цивили загинаа во руски напади во северозападна Сирија

Објавено на

часот

Сподели

Нападите се случија во вторникот вечерта во Аин Шиб, западно од Идлиб, извести новинарот на АФП од местото на настанот. „Двајца мажи, цивили, беа убиени (…), а пет цивили, меѓу кои една жена и две деца, се ранети“, изјавил за новинарот Рами ал-Дандал, волонтер на спасувачката организација Бели шлемови.

Според него, убиени се осумнаесетгодишник и постар маж.

Русија, главниот сојузник на претседателот Башар ал-Асад, воено интервенира во Сирија од 2015 година и во последните недели почна напади во провинцијата Идлиб, последното големо упориште на бунтовниците во северозападна Сирија, кое е делумно контролирано од џихадистичката група Хајат Тахрир ал-Чам (ХТС), создадена од поранешниот локален разгранок на Ал каеда.

Според Сириската опсерваторија за човекови права (СОХР), организација со седиште во Британија со широка мрежа на извори во Сирија, руските напади биле насочени кон „воените бази на Хајат Тахрир ал-Чам“.

Таа невладина организација пријави двајца загинати и неколку повредени и исчезнати. Во другите руски напади во средата навечер, бил гаѓан градот Ариха, јужно од Идлиб, јавија дописниците на АФП и СОХР.

ХТС контролира голем дел од провинцијата Идлиб, дом на 3 милиони луѓе, од кои половината се раселени, и делови од соседните провинции Алепо, Хама и Латакија, и редовно врши смртоносни напади врз сириската и руската армија и провладините сили.

Неколку часа пред нападот во вторникот вечерта, руските воздушни напади биле насочени кон база на бунтовниците северно од Идлиб, при што биле убиени тројца членови на ХТС и ранети седум борци и пет цивили, соопшти СОХР.

Во понеделникот, наведува СОХР, 13 борци на ХТС биле убиени, а повеќе биле ранети во воздушните напади на руските воздухопловни сили во предградијата на Идлиб. Во други напади во истата провинција на 5 август загинале најмалку тројца цивили, сите членови на исто семејство, а на 25 јуни 13 лица, меѓу кои и девет цивили.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ