недела, 22 декември 2024

Наградата „Мито Хаџи Василев-Јасмин“ за новинарите Атанас Костовски и Љупчо Јолевски и публицистите Иван Антоновски и Делбина Крлуку

Државната награда за остварувања во областа на публицистиката и новинарството „Мито Хаџи Василев – Јасмин“, денеска, во Кристалната сала на македонското Собрание им беше врачена на публицистите Иван Антоновски и Делбина Крлуку, како и на новинарите Атанас Костовски и Љупчо Јолевски.

Објавено на

часот

Сподели

Добитниците во нивните обраќања ја истакнаа важноста и значењето на Мито Хаџи Василев – Јасмин, за неговиот придонес кон градењето на македонското новинарство и публицистика и упатија благодарност до Одборот за доделување на државната награда.

„Прерано згасна македонската новинарска пролет. Во годината на новинарските јубилеи, 80 години на Млад борец, на Нова Македонија, на Радио Скопје, го слушнавте и на 60 години Телевизија Скопје, чест е да се носи наградата со името на некогаш првото македонско новинарско перо Мито Хаџи Василев – Јасмин“, рече новинарот Костовски.

Членот на одборот за доделување на државната награда, Зоран Бојаровски, посочи дека понатамошните активности на Одборот ќе бидат заеднички со Министерството за култура да ја зголемат афирмацијата и подигнат свесноста за значењето на наградата.

„Сите членови на Одборот заговараме, понатаму заедно со Министерството за култура да направиме повеќе за поголема афирмација, поголема присутност во јавноста, како и да ја подигнеме свесноста за значењето на оваа награда. Мито Хаџи Василев – Јасмин е истакната личност на државотворната народноослободителна војна. Јасмин по ослободувањето на фашистичката окупација и по формирањето на македонската држава зема активно учество во етаблирањето на новинарската професија и во градењето на новинарските институции“, рече Бојаровски.

Од крајот на 1945 година до први јануари 1948 година, Мито Хаџи Василев – Јасмин бил главен и одговорен уредник на „Нова Македонија“, каде има постигнато извонредни резултати во полето на новинарството и публицистиката. Автор е на многубројнни трудови, книги и брошури забележани на страниците на дневниот печат и периодичните списанија, меѓу нив од областа на македонската национална историја како „ВМРО-Обединета“, „Јане Сандански“ и „За великобугарскиот шовинизам“, од областа на општествените науки „Свртени кон човекот“, „СКЈ и непосредната демократија“, „Социјалистичката распределба според трудот“, „Одраз-Израз“, „За противречностите на социјализмот“. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ