„Барањето се однесува на добивање на општите и посебни лиценци кои би овозможиле НИС да го одржи работењето додека се бара прифатливо решение за сопственичката структура и управувањето. Целта е таа компанија, која е регионално и стратегиски важна за енергетската стабилност, да продолжи да работи“, наведе Џедовиќ Хандановиќ.
Владата на Србија, како што додаде, го поддржува барањето за издавање таква дозвола на НИС бидејќи санкциите би ја нарушиле способноста на компанијата да ги снабдува граѓаните на Србија со нафта и нафтени деривати.
Тоа барање на НИС го поддржаа владите на Србија и Унгарија, соопшти српското министерство за рударство и енергетика.
„Имајќи го предвид значењето на НИС за српската, но и за регионалната економија, итно бараме од ОФАК да разгледа моментална помош во вид на одложување на санкциите на минимум 90 дена, додека се разгледува одржливо решение кое би довело до укинување на санкциите“, наведе министерката.
Канцеларијата за контрола на странскиот имот на американскиот Секретаријат за финансии (ОФАК) ја објави на 10 јануари одлуката за воведување на руските компании од енергетскиот сектор – Сургунефт и Газпромнефт и нивните подружници во обид да ги намали приходите на Москва од продажбата на енергенси со кои ја финансира војната во Украина. Санкции во меѓувреме воведе и Британија.
Претседателот на Србија Александар Вучиќ кажа дека Србија не е мета на санкциите, со коментар дека тоа е „мала утеха“, а претходно кажа дека со американските санкции од Србија се бара целосно излегување на рускиот интерес од компанијата и дека тоа мора да биде завршено за 45 дена.
Газпромнефт во моментов има 50 отсто од сопственоста во НИС, додека 6,15 отсто од сопственоста поради претходно воведените санкции му продаде на Газпром.