среда, 4 декември 2024
Рајко Пеколски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Надворешни работи

Повести за многупоучните бесрамно бесмислени и несомнено вистинити авантури на многунепочитуваниот даночен обврзник потрошувач гласач и дисциплиниран пушач Неговото граѓанско Височество - граѓанинот Шљупков и за тоа како тој виде посведочи и доживеа многу згоди и незгоди во Апсурдистан и северно од него извлекувајќи високопоучни слова за граѓанските доблести на послушноста политичката коректност јавниот ред и морал правото и демократијата или скратено – таму негде јужно на север.

Министрите за надворешни работи на Апсурдистан беа светилник и пример на либералната демократија: само тие, од сите министри за надворешни работи во светот, разбираа што всушност значи да се биде министер за надворешни работи – додека сите останати министри за надворешни работи работеа на тоа да ги претставуваат и бранат интересите на своите земји надвор, апсурдистанските министри за надворешни работи добро разбираа дека еден добар, примерен и пред сè политички коректен министер за надворешни работи всушност треба да ги брани и претставува надворешните интереси дома!

Така, тековниот Министер за надворешни работи на Апсурдистан сесрдно ги бранеше интересите на Метафизичката Унија, порачувајќи дека Апсурдистанците, макар и без глава, макар и со тиква место глава, макар и без тиква и без глава, има секогаш да бидат усогласени во вредностите на Метафизичката Унија – па макар тие ним не им вределе ни пет пари! Бидејќи тоа се метафизички вредности и како такви се светилник a priori, па дури и ако се матни како блато! Имено, Министерот ги увери Унијците дека на Апсурдистанците им е јасно дека патот до Унијата е единствениот пат по кој тие храбро чекорат – макаршто одамна без нозе – меѓутоа кому му требаат нозе, кога ги има вредностите на Унијата? Кому му требаат минато или сегашност кога има небиднина… ова, пардон… иднина? Впрочем, Министерот сесрдно најави дека Апсурдистан, како резултат на усогласување со унијските вредности останува отворен да го преиспита минатото свршено време, како и да воведе ново идно време: идно несвршено неопределено време – како јасен и недвосмислен лингвистички израз на апсурдистанската посветеност кон сонот за унијските вредности! А секој Апсурдистанец кој сонува нешто друго, нека му ја мисли, па макар и без глава!

*    *    *

Шљупков една вечер сонуваше дека се разбудил како апсурд во Умнистан – и покрај тоа што на картата нигде немало таква земја – и станал почесен граѓанин. А градоначалничката на главниот град на Умнистан, ем умница, ем красавица! И таман убавата ем умна градоначалничка да му го врачи клучот на градот, кога одеднаш среде Умнистан се разбрмчија муви без глава, или глави со муви – тешко беше да се каже – она што можеше да се каже е дека увото на Шљупков, кое веќе добро, предобро го познаваше овој звук, ги препозна унијските вредности збрани во рој како бесно касаат сè живо (а богами и мртво!) во Умнистан. Таман Шљупков беше тргнал херојски да ја зграпчи градоначалничката сосе клучот пред налетот на мувите без глава или главите со муви (кои, за волја на вистината, касаа политички коректно: од запад кон исток, односно глобално земено, од север кон југ) – одеднаш се разбуди како апсурд во Апсурдистан: будилникот ѕвонеше, силно светнал уште еден ден во либералната демократија, каде човечкиот ресурс Шљупков требаше да го умножува Капиталот по туѓи бели дворови сред градски сиви смогови… ова… да ја покаже својата посветеност кон унијските вредности!

Сè си беше на свое место!

Рајко Пеколски

КОЛУМНИ

Ристо Цицонков

Има поефикасни решенија за аерозагадувањето

Стефан Вељановски

Што се Осломеј 2 и ФЕ Битола 1?

Фросина Крушкаровска

Мизогинијата како влезен наратив кон радикализација

Данијела Зорчец

Како да им го олесниме животот на децата со оштетувања на...

Зоран Дабиќ

Македонско трчање за функција

Ристо Цицонков

Самит за климатски промени, нов (не)успех?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ