Еден од најдобрите ракометни судии во светот, Ѓорѓи Начевски, во своето излагање рече дека странските ракометари се неопходни во македонската лига, но побара при нивното ангажирање да се води сметка за нивниот квалитет.
„Јас сум голем критичар на странско, но треба да сме и реални, колку имаме квалитетни македонски играчи? За да не зависиме од странци, бидејќи сме лимитирани со наши играчи, потребно е едуцирање на македонски тренери и „вадење“ македонски ракометари. Исто така и стратегијата на клубовите е важна, дали ќе се прави тим за иднина, или за евентуален моментален успех. И ние како судии наидуваме на многу пречки и проблеми. Според успеси сме спорт број 1, но според услови, инфраструктура, финансиски проблеми на клубовите, инвестициите, не сме“, рече Начевски.
Слично размислува и менаџерот на ракометниот клуб (РК) Бутел, Лазе Мајнов.
„Се одлучивме за домашни играчи, ние имаме само еден странец. Нормално е кога не се може да се најде соодветен играч за одредена позиција, тогаш да се ангажира странец“, рече Мајнов.
Горан Стојков од РК Аеродром кажа како функционира тимот во којшто работи.
„Ние сме нискобуџетен клуб, фокусирани на работа со млади ракометари. Нашата цел е визија, програма за создавање на младински репрезентативци кои подоцна би прераснале во сениорски носители во клубовите и репрезентацијата“, кажа Стојков.
Горан Ѓоргоноски основач на проектот „Ракомет за секое дете“ зборувајќи за промоцијата на ракометот, регрутирање и услови за создавање млади играчи рече дека ракометните клубови мора да сфатат дека треба да им го доближат ракометот на младите генерации и да им посочат на родителите што ќе добијат нивните деца со практикување на овој спорт.
„Фактите покажуваат дека ракометот е спорт број 1 во Македонија. Но морам да кажам дека во Скопје ракометот не е ниту во првите три центри кои придонесуваат до регрутирање деца во базата. Фудбалот, женската одбојка и кошарката се пред ракометот кај децата од 6-12 години. Затоа, клубовите мора да сфатат дека треба да поработат на промоција кај децата на оваа возраст. Клубовите мора да имаат маркетинг служба која ќе им го доближи ракометот на младите генерации и да им посочат на родителите што ќе добијат нивните деца со практикување на овој спорт“, рече Ѓоргоноски.
Тој ги повика и медиумите да им отстапат повеќе простор на ракометните натпревари и да имаат свој придонес во афирмацијата на овој спорт.
Стефче Стефановски, координатор за младите категории во ракометниот клуб Еурофарм Пелистер изјави дека клубот се соочува со проблеми околу термините во салите зашто немаат доволно слух од надлежните.
„Ние се соочуваме со проблеми околу термините во салите. Немаме доволно слух од надлежните. Во Битола ракометот е спорт број 1 без сомневање. Затоа заслужуваме поддршка, а на нас е да ги поттикнеме и децата од целиот регион. Неопходна е и поддршка од федерацијата од аспект на селектирање на најдобрите млади ракометари, испраќање на кампови, организирање повеќе натпревари, особено меѓународни“, истакна Стефановски во својата дискусија.