Од Обвинителството дополнуваат дека ќе биде издадена и наредба за обезбедување снимки од видео надзор од околни објекти, како и за преземање други дејствија.
„Во врска со настанот во Арачиново, дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје изврши увид на лице место, издаде наредби за прибирање траги и вршење соодветни вештачења. Ќе биде издадена и наредба за обезбедување снимки од видео надзор од околни објекти, како и за преземање други дејствија“, соопштија попладнево од ОЈО Скопје.
Претходно, од Министерството за внатрешни работи информираа дека во СВР Скопје денеска е пријавено дека на влез на село Арачиново машко лице со автоматска пушка пукало кон градоначалникот на Општина Арачиново Ридван Ибраими, кој бил заедно со уште неколку лица. Оттаму соопштија дека градоначалникот не е повреден, а како што наведоа, не се точни ниту шпекулациите објавени во дел од порталите дека е повреден полициски службеник.